Активен партиски ангажман имаа раководствата на дел од политичките партии во земјава изминатиот викенд, а една од поважните теми кај нив беше долгонајавуваната реконструкција на Владата што се очекува да се случи месецов.
Владејачката ВЛЕН, која неодамна од коалиција официјално прерасна во партија, ја одржа првата седница на Централното собрание и токму реконструкцијата била една од точките за дискусија.
„Во таа насока беше отворена дебата за перформансите на носителите на јавни функции, со цел евентуалните промени да придонесат за поголема ефикасност, одговорност и побрза реализација на обврските преземени пред граѓаните. Централното собрание направи и анализа на досегашната работа на ВЛЕН“, соопштија од ВЛЕН.
Додека во јавноста подолг период се шпекулира дека дел од нивните министри, кои не се приклучија на партијата, ќе заминат од министерските фотелји, од друга страна во политичките кулоари се споменуваше сценариото дека во Владата може да влезе уште еден партнер од албанскиот блок на политички партии – Зијадин Села, кој е предводник на едно од крилата што се отцепија од Алијанса за Албанците. Меѓутоа, на оваа шпекулација, барем засега, Села стави точка.
Викендот зад нас, покрај ВЛЕН, се собра и раководството на неговата партијата. На конгрес беше донесена одлука партијата да се преименува во Албанска лига, а Села беше избран за претседател. Притоа, тој децидно ја отфрли можноста за влез во Владата.
„Вратите на срамот никогаш не се затвораат. Тоа е врата на срамот. Низ таа врата Албанската лига и нејзините пратеници нема да влезат. Албанската лига и нејзиното наследство од Алијансата за Албанците знаат и да излезат од тие врати, како што покажале во минатото“, изјави Села.
Реконструкцијата на Владата треба да се случи во јуни. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претходно изјави дека очекува во мај да заврши со промените во внатрепартиските структури, а потоа да се посвети на владината реконструкција.
Од третиот партнер во Владата – ЗНАМ минатата недела за Колегиум.мк брифираа дека се задоволни од двајцата нивни министри – Игор Филков за правда и Горан Минчев за јавна администрација, како и од замениците што ги имаат.
Како што е познато, она што е извесно е дека од позициите ќе заминат двајца од актуелните министри кои во функционерското столче седнаа како кадри на ВЛЕН.
Во прашање е вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, кој неколку месеци не оди на владини седници и за кого Мицкоски изјави дека самиот рекол оти повеќе не се гледа во овој владин состав и ќе се врати во Брисел од каде што дојде за да биде вицепремиер. Сепак, тој може да добие нова функција бидејќи премиерот смета оти е добра можност да биде „некаков специјален претставник“ на земјава во Европскиот парламент.
Другиот министер за кого ВЛЕН се очекува да бара смена е Фатмир Лимани во ресорот социјална политика, демографија и млади, со оглед дека и тој не стана дел од партијата. Сепак, не е познато дали тој ќе замине од Владата или Мицкоски ќе реши да го задржи.
Реконструкцијата на Владата ќе се случи на половина од четиригодишниот мандат кој започна по изборите што се одржаа во мај 2024 година.
Кога е во прашање опозицијата, пак, од СДСМ најавија дека ќе продолжат да делуваат во рамки на Фронт за слобода и правда.
„Во Фронтот ги повикуваме сите други политички партии, не само овие коишто веќе го потврдија учеството, а се дел од сегашната коалиција, туку и другите политички партии, дури дел на коалициските партнери на сегашната криминална власт, затоа што тие знаат дека оваа власт не ја води државата како што треба“, изјави партискиот лидер Венко Филипче.
Повикот тој го упати во изјава за медиумите додека гостуваше на седмиот конгрес на коалицискиот партнер НСДП. Претседателот на оваа партија, Горан Мисовски, од настанот оцени дека државата се движи во погрешна насока, а како партија рече дека ќе останат нивните определби за социјална правда, силни институции и европска иднина.


