Реконструкцијата најавена, списокот за заминување од Влада сè уште празен

Објавено:

Шпекулации имаа, официјални разговори и внатрепартиски и меѓу коалициските партнери нема. Вака во една реченица може да се сумира одговорот на повеќе прашања поврзани со најавената реконструкција на Владата: дали партиите веќе мерат кој министер што направил и кој треба да си оди, а кој да остане; дали има индикации кој ќе добие „црвен картон“ и дали ќе се ротираат ресори меѓу трите партии и коалиции во власта.

„Владата функционира непречено. Во моментот кога ќе има новости во однос на реконструкцијата на Владата, јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Илинденска бр. 2 за Колегиум.мк.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, првично најави дека реконструкција ќе има во мај или јуни. На почетокот на мај, рече дека разговорите сè уште не се почнати бидејќи е посветен на внатрепартиската структура за која очекува месецов да се заокружи, а потоа да се посвети на владината коалиција.

Што велат партиите, а што мислат граѓаните?

Барем во тврдењата со официјалните изјави на тоа прашање сè уште на тоа не се посветиле ниту двата владините партнери на ВМРО-ДПМНЕ: партиите ЗНАМ и ВЛЕН (ВРЕДИ).

Од ЗНАМ брифираат дека тие се задоволни од перформансите на двајцата нивните министри – Игор Филков за правда и Горан Минчев за администрација, како и од замениците и директорите што се нивен кадар. Но, дека никој од нив нема да биде сменет или како партија нема да отстапат едно Министерство за да преземат друго, никој не може да гарантира.

„Зголемување на ефикасноста и оптимизација на услугите кон граѓаните“ е моменталниот фокус на ВЛЕН и како што тврдат, комуникацијата и координацијата во рамки на владејачката коалиција се редовни и континуирани.

„Во однос на реконструкцијата на Владата, во оваа фаза нема конкретни или конечни одлуки. Секоја дискусија ќе се одвива во рамките на партиските органи, врз основа на програмските приоритети, реформите и интересот на граѓаните“, велат од ВЛЕН за Колегиум.мк.

Додека партиите јавно не зборуваат конкретно за евентуалната промена на министри, која со месеци се зборува, дел од граѓаните сметаат дека има потенцијал за ремонт во Владата.

„Цела Влада, сите до еден“, „Има за менување неколку, не еден“, беа дел од одговорите на прашањето на Колегиум.мк „Кого би смениле тие ако ја имаат таа моќ?“.

Некои посочија и конкретни министерства каде е потребна промена, а имаше и предложи дека владиниот кабинет треба да брои најмногу шест-седум министри плус премиерот.

Тројца си замина, извесен уште најмалку еден

Актуелната Влада беше избрана на крајот на јуни 2024 откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните избори што се одржаа во мај истата година. Во неа вкупно 23 вицепремиери и министри, плус премиерот Христијан Мицкоски.

Евентуалната реконструкција ќе дојде на половина од четиригодишниот мандат.

Во меѓувреме, тројца министри си заминаа. Прв местото на Илинденска бр. 2 го испразни Арбен Таравари, кој беше министер за здравство кој на позицијата не издржа ниту една година. Си даде оставка во мај лани по недоразбирањата со коалициските партнери во ВЛЕН во пресрет на локалните избори. Неговото место го пополни Азир Алиу.

А, по локалните избори што се одржаа во октомври и ноември 2025 министерските позиции ги напуштија и Изет Меџити кој беше прв вицепремиер и министер за животна средина и Орхан Муртезани кој го предводеше Министерството за европски прашања. Меџити замина бидејќи стана градоначалник на Чаир, додека Муртезани беше разрешен по внатрепартиската поделба на функциите во ВРЕДИ. На нивно место дојдоа Беким Сали како нов вицепремиер и министер за европски прашања и Мухамед Хоџа во ресорот за животна средина.

И четврти функционер кој беше избран како кадар на ВЛЕН, пак, е извесно дека ќе ја напушти функцијата. Како што веќе е познато, станува збор за вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, кој веќе извесен период не присуствува на владини седници.

„Следната недела имаме јас и тој заеднички состанок по кој многу работи ќе бидат појасни. Инаку, официјално тој е потпретседател на Владата задолжен за добро владеење“, изјави премиерот Христијан Мицкоски пред два дена.

Премиерот пред еден месец во интервју за ТВ Сител кажа и оти самиот Фетаи му рекол дека повеќе не се гледа во овој владин состав.

Изминатиов период гласни беа и шпекулациите дека ВЛЕН ќе бара промена и на Фатмир Лимани, кој не е дел од оваа партија. ВЛЕН првично беше коалиција меѓу партиите Беса на Билал Касами, Демократското движење на Изет Меџити, Алтернатива предводена од Беким Сали, како и дел од крилата на Алијанса на Албанците.

Коалицијата на почетокот на мај и формално стана една партија, а Лимани не е дел од неа, што и претходно беше најавено. Касами, кој сега е еден од ко-претседателите, во јавен настап претходно кажа дека тие по сопствена желба нема да бидат дел од партијата.

Со неколку имиња за заминување од Владата, покрај за функционерите од ВЛЕН, досега во повеќе наврати се споменуваа и министри од ВМРО-ДПМНЕ.

Паралелно, гласини и лицитации со сценарија има и за евентуални предвремени избори во 2027 година наместо редовни во 2028.