Вицепремиерот Фетаи пред излез од Владата?

Објавено:

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи веќе не се гледал себе си во владиниот состав. Ова го изјави денеска македонскиот премиер Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Сител. Изјавата доаѓа откако министерот за здравство Азир Алиу во интревју за 360 степени изјави дека неговиот сопартиец од ВЛЕН, Фетаи, веќе извесно време не доаѓа на владини седници.

„Да, јас и тој лично разговараме, со Фетаи се видовме пред неколку недели и во разговор ми рече дека тој повеќе не се следа во овој состав на владата кој јас го предводам“, рече премиерот во интервју за Тв Сител.

Според досега споделените информации, Фетаи не е разрешен, ниту пак си поднел оставка, туку само отсуствува од владините седници. До сега тој јавно не се огласи, по однос на ваквите најави, како и да одговори на прашањето дали покрај владината функција, ја напушта и владината коалиција Влен.

„Рече дека ќе се врати во Брисел имајќи го предвид неговото образование и искуство во институциите во Брисел. Мислам дека би било добра можност да биде тој некаков специјален пратеник во рамки на Европскиот парламент, во рамките на бриселската администрација. Сè уште размислувам за тие околности. Но, да , тој самиот ми кажа дека во иднина планира да се врати во Брисел, да го продолжи својот професионален живот и да се стави на располагање доколку може да помогне. Се сложивме дека неговото искуство, образование и работа таму треба Владата и државата да ги искористи“,посочи Мицкоски.

Претходно, поранешниот министер за здравство, Арбен Таравари, во интервју за Телма, изјави дека Фетаи веќе се вратил во Брисел, од каде што и дошол на покана на Влен, да биде вицепремиер.

Мицкоски во интервјуто посочи дека опцијата на владина реконструкција, се уште е на маса и дека на таа тема ќе се посветни кон крајот на мај или почетокот на јуни.

Во меѓувреме коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ), откако најавуваше подолг период и преговараше каква ќе биде структурата, е во финална фаза од регистрација како политичка партија. Двајца луѓе што ќе раководат со ВЛЕН како копретседатели на политичката партија се градоначалниците на Општина Чаир и на Општина Тетово, Изет Меџити (Демократско движење) и Билал Касами (Беса). Според статутот на партијата, ќе има и двајца заменик-претседатели и секретар, а се работи на дефинирање и на секретаријатите на партијата, изјави Алиу во интервјуто за 360 степени.

Коалицијата ја сочинуваат четири партии од албанскиот блок – Демократското движење предводено од Меџити, Беса на Касами, Алтернатива на чело со Беким Сали и третото крило на Алијанса за Албанците предводено до Арбен Фетаи кој сега ја напушта Владата. За спојување во еден субјект, основачко собрание новата партија се очекува да биде на 9 мај.

Реконструкцијата според најавениот тајминг, ќе дојде на половина од четиригодишниот мандат на Владата. Таа беше избрана во јуни 2024, предводена од ВМРО-ДПМНЕ кое победи на парламентарните изборите одржани во мај истата година.