Пржинската влада – Нов фронт за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Објавено:

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска постави услов ако не остане Пржинската влада, пратеничката група на СДСМ ќе се повлече од работната група за Изборниот законик. Тој на прес-конференција во Собранието, рече дека актуелната власт демонстрира „целосно автократски манир на владеење“, поради што техничката влада е единствениот контролен механизам што гарантира фер и слободни избори.

„Овој автократски манир на владеење што го гледаме денес е еднаков на периодот на Никола Груевски. Доколку Законот за Влада во ваква форма помине на Комисија, нашата пратеничка група ќе се повлече од работната група за Изборниот законик“, изјави Филипче.

Оваа реакција на СДСМ доаѓа откако вчера во Собранието, мнозинството предводено од владејачката ВМРО-ДПМНЕ одлучи да ја укине Пржинската, односно техничката влада.

„Нејзината континуирана примена со текот на времето се покажа како нефункционална и финансиски неоправдана. Формирањето на ваков тип на влада подразбира проширување на извршната власт преку дополнителни министри и заменици министри, дуплирање на надлежности и сложени процедури за одлучување, што директно влијае врз ефикасноста, одговорноста и континуитетот во управувањето“, пишува Владата во предлог-законот.

Во документот доставен до Собранието се посочува дека иако преодната влада во конкретен историски контекст имала одредена стабилизирачка улога, тоа повеќе не е така.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, по прес-конференцијата на Филипче рече дека условот на лидерот на социјалдемократите е „политички незрел потег и постапувањето на ваков начин не носи ништо добро во интерес на граѓаните“.