Каде исчезна вицепремиерот Фетаи: СДСМ го бара да му постави прашање во Собранието

Објавено:

Каде е вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, праша денеска опозицискиот СДСМ за да може да му постави прашање на седницата што е во тек во Собранието.

„И денес не е на своето работно место, не е тука да говори пред пратениците и македонската јавност, да објасни како е можно еден функционер што е должен за добро владеење, да стане симбол за непочитување на граѓаните, на државата … Ова веќе не е прашање за еден човек туку прашање по кои принципи работи оваа Влада“, рече пратеничката Даниела Николова.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој ја води седницата рече дека единствено министерката за образование и наука Весна Јаневска најавила дека е спречена да присуствува на седницата, додека од Фетаи законодавниот дом не добил никакво известување.

„Навредливо е што човек кој треба да биде лице на отчетност, транспарентност и институционална култура избегнува да се појави таму каде треба да биде отчетен – пред пратениците“, рече Николова.

Сепак, пратеничката од говорница го постави прашањето за заменик-премиерот за добро владеење: „Дали вицепремиерот оди на работа, колку денови бил присутен во кабинет, кој ги плаќа патувањата, кој ги плаќа трошоците и најважно какви резултати постигнал вршејќи ја својата функција?“.

Со реакција се јави и пратеникот Оливер Спасовски, кој е координатор на пратеничката група на СДСМ наведувајќи дека никако не може да прифатат „некој да се шета на државна сметка, да не доаѓа на седници за пратенички прашања“ и притоа да биде толериран од премиерот и Владата, да не поднесе оставка и да нема предлог за негово разрешување.

Фетаи, како што јавно потврдија и неколку владини функционери, веќе извесен период не оди на работа и отсуствува од владините седници. Додека неговото отсуство стануваше политичка тема во земјава, тој на социјалните мрежи објави фотографија од него во Тајланд. Последните објави и соопштенија на социјалните мрежи како владин функционер му се од крајот на февруари.

Неговото отсуство потоа го потврди и премиерот Христијан Мицкоски кој кажа оти самиот Фетаи му рекол дека повеќе се гледа во овој владин состав. Сепак, премиерот најави можна нова функција за него.

„Рече дека ќе се врати во Брисел имајќи го предвид неговото образование и искуство во институциите во Брисел. Мислам дека би било добра можност да биде тој некаков специјален пратеник во рамки на Европскиот парламент, во рамките на бриселската администрација. Сè уште размислувам за тие околности. Но, да, тој самиот ми кажа дека во иднина планира да се врати во Брисел, да го продолжи својот професионален живот и да се стави на располагање доколку може да помогне. Се сложивме дека неговото искуство, образование и работа таму треба Владата и државата да ги искористи“, посочи Мицкоски во интервју за ТВ Сител на 23 април.

Фетаи веројатно ќе биде еден од министрите што ќе бидат опфатени со најавената реконструкција на Владата во мај или јуни.

Тој беше избран за вицепремиер за добро владеење во јуни 2024 како кадар предложен од поранешниот министер за здравство Арбен Таравари кој предводи едно од крилата на Алијанса за Албанците.

Таравари тогаш го најавуваше Фетаи како човек кој е роден и живее во Брисел, а сега специјално се враќа во Македонија и има најдобро си-ви.

Меѓутоа, патиштата на Таравари и Фетаи се разделија кога ексминистерот за здравство реши да ја напушти Владата и коалицијата ВЛЕН и да премине во опозиција.

Фетаи со дел од функционерите што дојдоа од Алијанса за Албанците на Таравари, решија да не го следат него и да останат во владината коалиција. Пред да биде објавено дека Фетаи не доаѓа на работа и сака да се повлече од функцијата, во јавноста имаше информации дека тој има несогласувања со партнерите од ВЛЕН кој се подготвуваше оваа коалиција формално да прерасне во партија.