Мицкоски ќе ја реконструира Владата во мај или во јуни

Објавено:

Мај или јуни остануваат термини за веќе најавената реконструкција на Владата кога ќе се знае дали и кој министер ќе замине од одредено министерство или ќе премине во друго, изјави премиерот Христијан Мицкоски, по пуштање во употреба на реконструираниот Регионален центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“ во Тетово.  

„Ние имаме принципелен договор како коалициски партнери во Владата, сите три политички структури, тоа се коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) и политичката партија ЗНАМ. Најавивме дека во мај или јуни ќе имаме реконструкција во самата Влада и се разбира дека многу од прашањата за време и пред реконструкцијата ќе бидат ставени на маса и ќе разговараме за тоа“, кажа Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали ќе биде разрешен министерот за социјална политика, Фатмир Лимани, откако беше објавена негова фотографија со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Мицкоски рече дека владината коалиција добро соработува и не гледа причина за коалирање со нови политички субјекти. 

Министерот Лимани стана актуелен пред извесно време, откако Билал Касами, лидерот на Беса, која е дел од коалицијата ВЛЕН, кажа дека членството на партијата изразило незадоволство од работата на Лимани и оти кога ќе дојде на дневен ред реконструкцијата на владата, за овој ресор може да биде предложен друг кадар.

Реконструкцијата според најавениот тајминг, ќе дојде на половина од четиригодишниот мандат на Владата. Таа беше избрана во јуни 2024, предводена од ВМРО-ДПМНЕ кое победи на парламентарните изборите одржани во мај истата година.

На неа ќе и претходни прераснување на коалицијата ВЛЕН во една партија. Оваа коалицијата ја сочинуваат четири партии од албанскиот блок – Демократското движење предводено од Изет Меџити, Беса на Билал Касами, Алтернатива на чело со Беким Сали и едно од крилата на Алијанса за Албанците предводено до Арбен Фетаи. За спојување во еден субјект, основачко собрание новата партија се очекува да има в мај.