Партиските преговори во тек, владината реконструкција готова до 1 јули

Објавено:

До крајот на јуни ќе се формализира очекуваната реконструкција на Владата, а до 1 јули списокот ќе се најде пред пратениците, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Во изјава за медиумите тој оцени дека вчерашната средба со претставници на партијата ВРЕДИ поминала во добра атмосфера, но не сакаше да зборува за детали.

„Во интерес на процесот не би зборувал премногу околу конкретни кадровски решенија, имиња и слично. Се разгледуваат секакви опции. Се разгледуваат опции за промена на ресори, така што мислам дека многу бргу ќе го затвориме овој прв дел од процесот во условно кажано првиот ешелон“, изјави Мицкоски.

Ставот на ВРЕДИ е флексибилен – тие не само што прифаќаат кадровски промени, туку и предлагаат три сценарија за реконструкција, со сигурна смена на еден министер и пополнување на вицепремиерско место.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, денеска се среќава и со преставници на движењето ЗНАМ, со кои, како што рече, ќе се разговара отворено за добрите страни, но и за слабостите во работењето.

Инаку генералниот секретар на Движењето ЗНАМ, Горан Минчев, деновиве јасно стави до знаење дека ЗНАМ стои зад своите министри и функционери, оценувајќи ја нивната работа како успешна и ревносна. Во контекст на најавената реконструкција, партијата ќе бара аргументи од премиерот, но нивниот став е дека нема потреба од промени во нивниот дел од Владата.

По реконструкцијата Мицкоски најави промени и во структурите на локално ниво, со која ќе бидат опфатени и директори на јавни претпријатија.

„Ние имаме и на локално ниво прилично голема бројка на директори на јавни претпријатија. Имаме свои мислења за работата на дел од тие луѓе. Имаме места каде што можеме подобро. Имаме места каде што сме исклучително задоволни. Такви се повеќето, но има и таму каде што е потребно да се поправиме и на ниво на општини, но и на локално ниво од аспект на подрачни единици. Така што процесот ќе продолжи во втората фаза во текот на летото и паралелно со тој процес, бидејќи горе-долу е оформена и структурата на партијата, ќе отпочнеме процес таму некаде во втората половина на јули, кој што евентуално би траел до крајот на септември на ажурирање на членството и ново зачленување во ВМРО ДПМНЕ“, рече Мицкоски.

СДСМ преку соопштение ја обвини Владата дека наместо конкретни резултати и исполнети ветувања, на граѓаните постојано им нуди нови рокови и најави. Од партијата реагираат на најавата на Мицкоски дека реконструкцијата треба да биде завршена до 1 јули, оценувајќи дека станува збор за уште едно одложување на вистинските проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

„Пред само неколку недели Мицкоски тврдеше дека до 1 јуни ќе бидат реализирани клучни реформи. Тој рок помина без конкретни резултати, без одговорност и без објаснување зошто ветувањата не беа исполнети. Реконструкцијата не ги зголемува платите, не ги намалува цените, не ги враќа младите во државата и не го придвижува европскиот процес. Тоа е само преуредување на фотелји во рамките на истата власт“, велат од СДСМ.

Реконструкцијата на Владата е најавена како мерка за кадровско освежување, но истовремено е дел од пошироката стратегија за спроведување на реформите предвидени во Програмата за работа за 2026 година.

Се смета дека таа ќе биде тест за стабилноста на коалицијата и за способноста на Владата да ги исполни ветувањата во клучните области.

Актуелната Влада беше избрана на крајот на јуни 2024 откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните избори што се одржаа во мај истата година. Во неа вкупно 23 вицепремиери и министри, плус премиерот Христијан Мицкоски.

Реконструкцијата се случува на половина од четиригодишниот мандат на Владата.

Во меѓувреме, двајца министри и двајца вицепремиери си заминаа. Прв замина Арбен Таравари, кој беше министер за здравство кој на позицијата не беше ниту една година. Тој си даде оставка во мај лани, по недоразбирањата со коалициските партнери во ВЛЕН во пресрет на локалните избори. Неговото место го пополни Азир Алиу.

По локалните избори што се одржаа во октомври и ноември 2025 министерските позиции ги напуштија и Изет Меџити кој беше прв вицепремиер и министер за животна средина и Орхан Муртезани кој го предводеше Министерството за европски прашања.

Меџити замина бидејќи стана градоначалник на Чаир, додека Муртезани беше разрешен по внатрепартиската поделба на функциите во ВРЕДИ. На нивно место дојдоа Беким Сали како нов вицепремиер и министер за европски прашања и Мухамед Хоџа во ресорот за животна средина.

Неодамна оставка од функцијата вицепремиер за добро владеење, поднесе и Арбен Фетаи. Фетаи напиша дека одлуката е донесена внимателно и произлегува од неговото убедување дека во актуелните околности тоа е правилен и достоинствен чекор. Местото на Фетаи сè уште не е пополнето.