Мицкоски: Многу скоро ќе има парламентарни избори

Објавено:

Многу скоро ќе има парламентарни избори, рече премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање при пуштањето во употреба на салата „Расадник“ во скопската општина Кисела Вода.

Тој не кажа конкретно дали мисли на предвремени парламентарни избори во 2027 година или на редовните што треба да се одржат една година подоцна, во 2028 година.

Според него, ВМРО – ДПМНЕ е подготвено за избори кога и да побара опозицијата.

„За брзо време веќе сме во втората половина на нашиот мандат, ќе имаме парламентарни избори, па граѓаните нека одлучат. Дали овие, кои капитулираа, ја ограбија, ја осиромашија и ја уништија Македонија треба да добијат и еден пратеник, или ние, кои нудиме сосема еден нов концепт кој се темели на многу работа, но истовремено бескомпромисна битка и со став за националните интереси. Сме кажале дека наша опција што ја префереираме како Влада е редовни избори во 2028 година, но сме подготвени секогаш доколку тоа опозицијата го бара да излеземе на терен и повторно да победиме“, изјави Мицкоски.

Тој најави и дека следната недела ќе ги почне разговорите за најавената реконструкција на Владата. Ќе има освежување и во ВМРО-ДПМНЕ. Покрај новиот состав на Извршниот комитет и новите претседатели на општинските комитети, Мицкоски најави освежувања и во Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани, Патриотскиот институт. 

Според опозициската СДСМ, најавата на Мицкоски доаѓа откако со месеци тврдеше дека нема да има предвремени избори.

„Додека имаше пари и можност да се задолжува, Мицкоски тврдеше дека избори нема да има. Сега, им снемува пари, не може да ја задолжува државата и граѓаните колку што сака, одеднаш изборите вели дека се „многу скоро“. Мицковски и неговата банда се плашат од моментот кога ќе немаат повеќе пари за да ја одржуваат власта и тендерите. Затоа, штом ќе им снема пари за задолжување, ќе побрзаат кон избори“, соопшти СДСМ.

На последните парламентарни избори во мај 2024, ВМРО-ДПМНЕ по седум години во опозиција се врати на власт на централно ниво. Партијата направи коалиција со ВРЕДИ и ЗНАМ, испраќајќи ги во опозиција СДСМ, но и ДУИ која беше на власт околу две децении.