Премиерот Христијан Мицкоски денеска, 6 мај изјави дека во текот на оваа година нема да се одржат избори. Според него, 2026 е година за клучни реформи и внатрешна консолидација на државата. Денешниот коментар е појаснување на неговата вчерашна изјава дека „наскоро ќе има избори“, алудирајќи на сценариото за можни предвремени избори.
Мицкоски истакна дека сака да има редовни парламантарни избори во 2028 година, но дека ВМРО-ДПМНЕ како партија е подготвено доколку тие се случат и година порано.
„Некои од партиите се исплашија од таа изјава за избори. Но, мојот став го знаете, дека оваа година избори нема. Оваа година е реформска година и година на консолидирање. Она што ние сега го правиме и она што го има нашиот фокус е да испорачаме реформи и да ја зголемиме економската активност и да го зголемиме стандардот на граѓаните“, рече Мицкоски.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека земјава „наскоро ќе оди на избори“, изразувајќи увереност дека неговата партија ќе извојува победа и дека опозицијата ќе биде поразена. Тој ја обвини опозицијата дека не ги брани националните интереси и дека работи во корист на „туѓи агенди“.
Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, возврати дека државата не смее да влезе во нов изборен циклус без јасен план за клучните прашања, особено во однос на европската интеграција. Тој порача дека наместо предвремени избори, приоритет треба да бидат реформите и стабилноста.
На последните парламентарни избори одржани на 8 мај 2024 победи коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Христијан Мицкоски, кој потоа формираше влада со коалициски партнери.
Редовните избори во Северна Македонија се одржуваат на секои четири години. Следните треба да бидат во 2028 година.


