Владата утре (5 април) ќе одржи седница за мерки за заштита од поскапувањето на горивата.
Мерките ги најави премиерот Христијан Мицкоски потенцирајќи дека се „исполнети условите да ги намалиме акцизите за дизелот за 4 денари, а на бензините за 2 два денара по литар“.
„Берзата за нафтата се затвори во четвртокот заради велигденските празници и нашите калкулации покажуваат дека дизелот требаше да поскапи некаде околу 7 денари, а бензините 1,5 до два денара. Со промената на акцизите претпоставувам дека цената на дизелот во понеделник ќе се коригира за околу 3 денари“, рече Мицкоски.
Тој најави и обновување на разговорите со Окта за продолжување на попустот од три денари за литар што го дава компанијата за дизел горивото.
Паралелно, власта планира да ја продолжи и мерката за намалено ДДВ за горивата од 10 проценти. Оваа мерка беше донесе на 22 март, а ќе биде продолжена за уште две недели.
„Очекуваме тоа да влијае при контрола на инфлацијата. Очекувам инфлацијата во март да се движи накаде на половина од тоа што било лани во март, односно да биде некаде помеѓу 4 и 5 проценти. Цениме дека овие први робусни чекори го даваат својот ефект. Министерството за финансии анализира за сите основни прехранбени производи кои се со 5 проценти ДДВ да ги намалиме на 0 проценти, но тоа е премалку во споредба со овие поголеми мерки кои ги преземаме“, рече Мицкоски.
На овие најави реагираше лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи дека Владата признава оти тие како социјалдемократи биле во право кога барале намалување на акцизите за горивата, но предоцна реагира.
„Се поставува прашањето зошто сега, и кој досега ја плати разликата во цените. Се знае, разликата во цените ја платија граѓаните. Милиони евра отидоа и кај компаниите, коишто имаа профит изминатиот период. Како што укажувавме изминатите недели што треба да се направи, гледаме сега дека делумно премиерот допрва ќе разгледувал“, рече Филипче.
Лидерот на опозициската партија обвини и дека власта ниту сака ниту има капацитет да им помогне на граѓаните да ги имплементираат ценовните шокови и кога се во прашање цените на храната.
Фото: Engin Akyurt


