Вајц: Не видовме напредок и реформи кај Северна Македонија во последната година

Објавено:

Македонските граѓани може да ја пропуштат клучната можност за напредок кон Европската Унија, доколку Владата не го искористи актуелниот моментум за евронтеграција. Ова накратко го порача известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во интервју за „Еуроњуз Бугарија“.

Според него, проблемот не е само во вклучувањето на Бугарите во Уставот, туку и застојот во реформската агенда, посочувајќи дека засега не се забележува суштински напредок во спроведувањето на реформите.

Вајц во интервјуто повтори дека уставните измени остануваат услов без кој преговорите со ЕУ не можат да продолжат.

„Постојат одредени позитивни чекори, како акцискиот план за прашањата на малцинствата, но Владата мора да ги спроведе реформите. Во спротивно, не можеме да влеземе во вистински преговори. Во последната година не видовме никаков напредок, ниту реформи. Не станува збор само за започнување преговори, туку и за реформската агенда и Планот за раст. Доколку земјата не ги спроведе потребните реформи, средствата, вклучително и 47 милиони евра, ќе бидат пренасочени кон соседните земји“, предупреди Вајц.

Премиерот Мицкоски, пак, на новинарско прашање за ваквите пораки од Вајц, рече дека неговиот извештај е сосема спротивен од тоа дека немало реформи.

„Не знам кој извештај сте го читале, јас извештајот што го слушав е комплетен антипод од вашето прашање“, рече Мицкоски.

За опозицискиот СДСМ, пораките од Вајц се алармантна потврда на тоа што го предупредуваат тие со месеци.

„Вајц експлицитно вели дека не гледа сериозна посветеност на Владата за реформи, особено во владеење на правото. И клучен и најголем проблем: корупција и нефункционално судство. Ризикот е губење европски пари, средствата од ЕУ ќе одат во други земји наместо во Македонија“, велат од СДСМ.

Ваквиот коментар од Вајц ледува откако еврокомесарката за проширување Марта Кос на 21 арпил писмено ги предупреди шесте земји од Западен Балкан дека ризикуваат колективно да изгубат повеќе од 700 милиони евра од Планот за раст на ЕУ до средината на оваа година поради неуспех во спроведувањето на реформите.

Македонската потенцијална загуба на европските пари изнесува вкупно 49,2 милиони евра поради доцнење со задачите од европската агенда.

Имено, финансиските средства од Планот за раст се временски ограничени. За секој чекор на реформите е предвиден прецизен рок за имплементација и се издвојува одредена сума пари. Европската комисија предвиде и таканаречен „грејс период“ што овозможува одложување на имплементацијата за одреден временски период. За чекорите што требаше да бидат завршени кон средината на 2025 година, рокот истекува на 30 јуни оваа година, додека за чекорите што требаше да бидат завршени до крајот на 2024, овој рок истекува во 2026 година.

Вајц во интевјуто вели дека забележани се и позитивни трендови како договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија за Коридорот 8, кој, како што вели, има стратешка важност и за НАТО и за регионалната безбедност.

„Само преку приближување и соработка можеме да продолжиме напред“, рече Вајц.

Според него, клучните реформи за пристапување во ЕУ се поврзани со владеењето на правото, борбата против корупцијата и обезбедувањето независен и ефикасен судски систем.

„Корупцијата е рак во нашите општества, вклучително и во ЕУ. Прашањето е дали институциите имаат капацитет, волја и политички простор да дејствуваат. Сè уште очекуваме видливи подобрувања од Северна Македонија“, наведе Вајц, додавајќи дека тоа е јасно нотирано и во неговиот извештај.

Вајц и во февруари годинава при презентацијата на нацрт-извештајот за напредокот на Македонија побара забрзани реформи, уставни измени и поголема поддршка од ЕУ за евроинтеграцијата.