Македонија ризикува да изгуби 49,2 милиони евра од Планот за раст на ЕУ ако не ги спроведе реформите

Објавено:

Европската комесарка за проширување Марта Кос писмено ги предупреди шесте земји од Западен Балкан дека ризикуваат колективно да изгубат повеќе од 700 милиони евра од Планот за раст на Европската унија(ЕУ) до средината на оваа година поради неуспех во спроведувањето на реформите, пренесе балканскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) повикувајќи се на сигурни извори во Европската комисија.

За Македонија, потенцијалната загуба би била 49,2 милиони евра, според РСЕ.

Infografika Pari za EU reformi

Според неофицијални информации, Кос на 17 април испратила писмо со вакво предупредување до сите главни градови во регионот.

„Минатата недела им пишав на властите во регионот да ги забрзаат реформите или нивните граѓани ќе изгубат. Планот за раст е строго базиран на перформанси и е временски ограничен. Во моментов, повеќе од 700 милиони евра се во опасност трајно да бидат изгубени во регионот доколку реформите не бидат завршени до јуни 2026 година или декември 2026 година“, изјави Кос пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ).

Извори на РСЕ потврдиле дека со ова писмо Кос побарала од сите да ги забрзаат реформите предвидени со Планот за раст со цел да се искористи целосниот потенцијал на овој финансиски пакет.

Имено, финансиските средства од Планот за раст се временски ограничени. За секој чекор на реформите е предвиден прецизен рок за имплементација и се издвојува одредена сума пари. Европската комисија предвиде и таканаречен „грејс период“ што овозможува одложување на имплементацијата за одреден временски период. За чекорите што требаше да бидат завршени кон средината на 2025 година, рокот истекува на 30 јуни оваа година, додека за чекорите што требаше да бидат завршени до крајот на 2024 година, овој рок истекува во 2026 година.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера (20 април) во Владата имаше средба со амбасадорите од Европската Унија на која било разговарано за напредокот и за следните чекори во спроведувањето на реформската агенда.

По средбата, Мицкоски напиша дека „реформската агенда повеќе не е само план на хартија, таа дава конкретни, мерливи резултати“.

„Во изминатиот период го забрзавме спроведувањето во сите клучни области. Неколку чекори се веќе целосно реализирани, а други напредуваат побргу од планираното. Ова одразува силна политичка посветеност, подобрена институционална координација и јасен фокус на резултати“, напиша Мицкоски.

Овие реформи, посочи Мицкоски, не се изолирани активности, туку се „ дел од поширока трансформација и ја приближуваат нашата економија до единствениот пазар на ЕУ“.

Пет земји во регионот ги добија првите или повеќе средства од Планот за раст, со исклучок на Босна и Херцеговина, која доцнеше со усвојувањето на реформската агенда.

Крајот на јуни оваа година го означува моментот кога секоја земја влегува во таканаречениот момент на трајна загуба ако не ги исполни претходно договорените реформи. Врз основа на максималниот износ, може да се изгубат вкупно 710,6 милиони евра, што претставува 11,84 проценти од вкупното финансирање од Планот за раст.

Планот за раст е најамбициозниот од пакетот на ЕУ од шест милијарди евра за регионот. Тој има за цел, меѓу другото, да ги удвои економиите на овие земји во текот на следните десет години.