Од денеска, 10 април, Европската унија (ЕУ) официјално започнува со целосна примена на ЕЕС (Entry/Exit System) – новиот дигитален систем за евиденција и контрола на влезот и излезот на државјани од земји кои не се членки на ЕУ.
Новиот начин на гранична контрола важи и за македонските граѓани и целосно ќе ја замени досегашната практика на рачно ставање печати во пасошите.
За македонските граѓани кои патуваат без виза во земјите на ЕУ и Шенген зоната, новиот систем значи изменет процес на гранична контрола, особено при првото патување по целосната примена на ЕЕС. При првиот влез, на граничните премини со Бугарија, Грција или на аеродромите, ќе се спроведе комплетна регистрација што вклучува фотографирање, земање отпечатоци од прсти и дигитално внесување на податоците од пасошот.
Системот, кој досега се применуваше постепено и во фази, автоматски ќе го евидентира времето и местото на влез и излез, должината на престојот, како и евентуалните забрани за влез во земјите на ЕУ.
Целта е да се зголеми безбедноста и ефикасноста на контрола на надворешните граници на Унијата.
Системот овозможува електронска евиденција на датумот и местото на влез и излез, обработка на биометриски податоци (отпечатоци од прсти и фотографија), подобра проверка на почитување на правилата за престој, зголемена безбедност и намалување на злоупотребите.
Воведувањето на ЕЕС започна на 12 октомври 2025 година, а од 10 април 2026 година системот е целосно имплементиран во сите земји-членки.
Во периодот од октомври 2025 до април 2026 година, примената на ЕЕС се одвиваше постепено. На одредени гранични премини и за конкретни категории патници, печатите во пасошите сè уште се користеа.


