Европа мора да се подготви за „долготраен“ енергетски шок, вели комесарот за енергија на ЕУ

Објавено:

Европската унија(ЕУ) ги проценува сите можности, вклучително и рационализирање на горивото и ослободување на повеќе нафта од резервите за итни случаи, додека се подготвува за „долготраен“ енергетски шок од војната на Блискиот Исток, вели Ден Јоргенсен, комесар за енергија на ЕУ, во интервју за „Фајненшл тајмс“.

„Ова ќе биде долга криза… цените на енергијата ќе бидат повисоки многу долго време“, рече Јоргенсен велејќи дека за некои по „критични“ производи „очекуваме да биде уште полошо во наредните недели“.

Тензиите дополнително се зголемија поради заканите за затворање на Ормутскиот теснец – еден од најважните светски транспортни коридори за нафта – како и по нападите врз енергетската инфраструктура во Заливот. Овие случувања веќе предизвикаа нестабилност на глобалните пазари и нагло зголемување на цените, додека дел од индустриите, особено авиосообраќајот, изразуваат сериозна загриженост за снабдувањето со гориво.

„Реториката што ја користиме и зборовите што ги користиме се посериозни сега отколку што беа порано во кризата. Секако, нашата анализа е дека ова ќе биде продолжена ситуација и земјите треба да бидат сигурни дека… го имаат она што им е потребно“, рече Јергенсен.

Тој рече дека иако ЕУ сè уште не е во криза снабдувањето со енергенси, Брисел изготвува планови за справување со „структурните, долготрајни ефекти“ од конфликтот.

Јоргенсен, исто така, рече дека „не би исклучил“ уште едно активирање на стратешките енергетски резерви „доколку ситуацијата стане потешка“. Земјите – членки на ЕУ минатиот месец учествуваа во најголемото повлекување на нафта од стратешките резерви во историјата, во обид да ги ограничат растечките цени.

Предупредувањето од ЕУ доаѓа во време кога енергетскиот шок одекнува низ целиот свет, зголемувајќи го спектарот на повисока инфлација и побавен економски раст, принудувајќи ги владите да изготвуваат планови за поддршка на потрошувачите и поттикнувајќи некои земји да ги активираат електраните на јаглен.

Сепак, европските власти засега остануваат внимателни и не најавуваат радикални промени во политиките, вклучително и во однос на увозот на руски течен природен гас. Наместо тоа, фокусот е ставен на диверзификација и соработка со партнери како САД, преку механизми на слободниот пазар.

Течниот нафтен гас (ТНГ) е рафинираниот производ најпогоден од блокадата на Ормутскиот теснец, покажува новиот месечен извештај на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА). Тоа е мешавина од пропан, бутан и од други гасови што се користат во греалки, апарати за готвење, автомобилско гориво и фрижидери.

Откако САД и Израел пред повеќе од еден месец започнаа напади врз Иран, цените на нафтата и гасот пораснаа и до 70 проценти, бидејќи една петтина од светските резерви на сурова нафта и течен природен гас е блокирана во Персискиот Залив, односно не може да помине низ Ормускиот теснец.

Поради војната во Иран, светот се соочува со голема енергетска криза што ги надминува дури и нафтените шокови од седумдесеттите години на минатиот век.