До вторник сè ќе се знае, тогаш ќе го имаме конечниот епилог. Многу идеи и опции се на маса – изјави денеска претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски во врска со најавената владина реконструкција.
Одговорајќи на новинарско прашање какви понуди добиле и дали можеби би се согласиле на замена на кадрите во министерствата со кои раководат, Димитриевски рече дека има многу предлози и размислувања, индивидуални и партиски. Според него, кога се разговара во политиката, сите опции се на маса. Повтори и дека треба да се почека да се случи конечниот договор.
„Ние како владини партнери, а слушам и ВЛЕН исто така, како третиот партнер во власта, сè уште немаме постигнато конечен договор. Јас можам да говорам исклучиво во името на ЗНАМ, неговите членови, поддржувачи и сите негови кадри“, истакна Димитриевски.
На прашањето, дали е прифатлива размената на ресорите земјоделство со правда, Димитриевски одговори дека сè уште нема такви предлози на маса и дека не би сакал да шпекулира.
Во однос на шпекулациите дека ЗНАМ би можел да остане без едно министерство или да добие друг ресор, рече дека „сите опции се на маса“, но дека сè уште нема конечен договор.
„Многу понуди се на маса, ќе изброиме до три, а потоа ќе пресечеме и конечниот епилог ќе го имаме во вторник. А јас, инаку и со господинот Минчев и со господинот Филков и со сите луѓе со коишто заедно ја создадовме ЗНАМ, првенствено сме другари, лични пријатели и обединети околу една заедничка кауза, а тоа е Движењето ЗНАМ за наша Македонија, коешто е формирано од граѓаните и за граѓаните“, одговори тој.
Во однос на имињата кои ќе бидат предложени, Димитриевски рече дека тој е само предлагач, а конечната одлука ја носи највисокиот орган на партијата – тоа е Централниот одбор помеѓу двата конгреса. Во овој случај дополнително и Извршниот одбор на партијата.
„И тоа ќе почекаме до вторник да видиме кои ќе бидат одлуките“, додаде тој.


