Пратениците на денешната седница во Собранието ја констатираа оставката на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
Фетаи оставката ја поднесе 1 јуни откако околу три месеци, според изјавите на претставници на владата, не се појавуваше на владини седници.
Во писмото со оставката кое го објави на Фејсбук, Фетаи не ги наведува конкретните причини за напуштањето на функцијата.
„Во сегашните околности, сметам дека повеќе не постојат неопходни услови за оваа функција, да ја извршувам со потребна ефикасност. Од тие причини одлучив да се повлечам од должноста, со уверување дека ова е најисправна одлука“, наведе тој.
Заминувајќи од функцијата, Фетаи оцени дека за време на неговиот мандат придонел за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото.
Сепак, како што најави и самиот премиер Христијан Мицкоски, Фетаи може да биде назначен за некаков специјален пратеник на земјава во рамки на Европскиот парламент.
Засега нема предлог за нов вицепремиер за добро владеење. Негов наследник се очекува во втората половина на јуни кога се очекува да има реконструкција на владата во која ќе бидат опфатени и други министри.


