Нема конечен договор меѓу владините партнери за реконструкција на Владата која се очекува да се случи следната недела. Не е дефинитивно познато ниту што ќе се случи со Министерството за правда, кое досега повеќе пати беше споменувано како ресор каде ќе седне нов кадар од друга партија.
Во моментов, тоа е раководено од Игор Филков од ЗНАМ, која има уште една министерска позиција во Министерството за администрација, каде се наоѓа Горан Минчев. Партијата, која е најмалата од трите политички партии во владината коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН (ВРЕДИ) досега стоеше зад своите министри велејќи дека работат во рамки на владината програма.
Но, на се погласните шпекулации дека Правда е проблематична и веројатно ќе влезе во реконструкцијата, од ЗНАМ не даваат конкретен одговор.
Партискиот потрпарол Никола Мемов во изјава за новинарите потенцираше дека тие беа поканети од ВМРО-ДПМНЕ да учествуваат во Владата и не биле тие кои барале да влезат во неа.
„Во разговорите се прави анализа и евалуација на работата на сите министри. Ова не е испитување и оцена на министрите на ЗНАМ од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Значи, се прави анализа на работата на сите министри во Владата и генерално работата на Владата и спроведувањето на владината програма“, вели Мемов.
Тој потенцираше и дека „сите опции се отворени“ одговарајќи на прашање дали е можно да не се договорат со ВМРО-ДПМНЕ.
Дел од неофицијалните информации што излегоа од брифинзите од партиите, е дека на ЗНАМ за замена за правда ѝ било понудено Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство.
А, уште едно Министерство кое влегува во комбинаториките за промена е Здравство, каде во моментов министерува Азир Алиу од ВЛЕН. Неофицијалните информации се оти амбиции за овој ресор има ВМРО-ДПМНЕ, но ниту тоа, според последната изјава на Алиу, не е конечно одлучено. Тој вели дека „секој ден работи како да му е последен, а дали ќе остане министер треба да одговорат институциите“.
„Ова е институционално прашање. Не е лично прашање, бидејќи јас не аплицирав, немаше конкурс за да аплицирам да станам министер, туку ова е политичка функција затоа институциите треба да одговорат кој ќе биде на чело на едно министерство или во овој случај на Министерство за здравство“, рече Алиу.
Зборувајќи на оваа тема, тој нагласи оти неговата работна кариера не ја започнал со политичка функција и не верува дека така и ќе ја заврши бидејќи не е „здраво за него“. Исто така, рече, не е здраво ни за „политичката инфраструктура во земјата да имате човек што со години ќе биде на политичка функција“.
Тимови од раководствата на трите партии дел од Владата имаа меѓусебни разговори, кои ќе продолжат и деновиве. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека очекува решенијата за промените да се знаат кон средината на идната недела.
Реконструкцијата на Владата доаѓа на половина од нејзиниот четиригодишен мандат откако беше формирана во јуни 2024, по парламентарните избори што се одржаа во мај истата година.


