Од почетокот на примената на системот „Безбеден град“, бројот на загинати лица во сообраќајни несреќи се намалил за 40 проценти. Односно, од 2 февруари годинава па досега, загинале 34 лица, наспроти 55 во истиот период од претходната година.
„До 22 јуни преку системот се регистрирани над 120.000 сообраќајни прекршоци, од кои над 95 проценти се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина на движење. Со предвидената динамика, до крајот на 2026 година се очекува проектот целосно да биде имплементиран на територијата на целата држава, опфаќајќи ги поголемите градови и главните патни правци“, изјави денеска (27 јуни) министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кој даде отчет за сработеното во изминатите две години.
Тој истакна дека бројот на сузбиени организирани криминални групи со коруптивно делување е зголемен за 50 проценти.
„Сузбиени се шест такви групи, при што кривично се пријавени 146 физички и 18 правни лица. Откриени се околу 500 кривични дела, а бројот на пријавени сторители надминува 1.000, што претставува значителен пораст во однос на претходниот период“, изјави Тошковски.
Во однос на недозволената трговија со дрога, министерот информираше дека се сузбиени 11 организирани криминални групи, спречени се 9 меѓународни транспорти на марихуана и кокаин, откриени се три импровизирани лаборатории.
„Откриени се над 1600 кривични дела со пријавени околу 1900 сторители, додека запленети се околу 6,2 тони незоволена наркотична дрога. Заплените на кокаин се зголемени за повеќе од 300% што укажува на зајакнати капацитети за откривање и спречување на меѓународни канали за трговија со дрога“, додаде тој.
Според Тошковски, Македонија има најниско ниво на криминалитет во последните 20 години.
„Во изминатите две години е постигната вкупна ефикасност од 69 проценти, а значително е зголемен и бројот на откриени сторители. Посебно значајни се резултатите во борбата против организираниот криминал, при што се сузбиени над 30 организирани криминални групи кои дејствувале во различни области“, посочи Тошковски.
СДСМ: 2 години Тошковски- Распад на безбедносниот систем
Но, опозицијата обвинува за „целосен распад на безбедносниот систем, партизација и заштита на криминалци“.
По отчетот на Тошковски, СДСМ реагираше преку писмено соопштение во кое се наведува дека „ Нема одговорност за ниту еден криминален тендер, нема одговорност ниту за петте тони дрога кои поминаа преку македонската граница“.
-Во изминатите две години сведочевме на серија трагедии, убиства, вооружени пресметки, семејно и врсничко насилство, раст на трговијата со дрога и сериозно нарушена безбедност во државата. Наместо професионален систем, Тошковски создаде партиска полиција во која искусни професионалци се деградираат, а подобни кадри се наградуваат – се вели во реакцијата на СДСМ.


