Собранието не ја прифати интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, што ја поднесе партијата „Левица“, откако по завршениот претрес 77 пратеници гласаа, од кои 58 беа „против“, а само 19 гласаа „за“.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, сумирајќи ја интерпелацијата оцени дека „Република Северна Македонија е небезбедна држава поради нејзиното министерство за внатрешни работи“ и дека „апаратот за обезбедување на граѓаните не функционира како што треба“.
Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, сумирајќи ја интерпелацијата оцени дека „Република Северна Македонија е небезбедна држава поради нејзиното Министерство за внатрешни работи“ и дека „апаратот за обезбедување на граѓаните не функционира како што треба“.
- „Македонија е држава во која нормални активности може да имаат поголеми последици затоа што апаратот за обезбедување на граѓаните не функционира како што треба, бидејќи се гледа како апарат за полнење на политички кадри“, рече Мециновиќ.
- Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во реплика рече дека ќе даде се од себе да ги подобрува работите.
- „Ќе дадам сѐ од себе додека сум на оваа позиција во секој сегмент барем една работа да е поодобра, македонските граѓани го гледаат тоа и го знаат. Нема никогаш да лажам и ќе се трудам да дадам максимум од себе си, дали тоа ќе биде доволно ќе каже времето “, рече Тошковски.
Во текот на расправата, опозицијата тврдеше дека има „скандали, пропусти и нула одговорност“ и побара оставка, додека Тошковски и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со „конкретни резултати, зголемена ефикасност и сузбиени криминални групи“, оценувајќи дека не треба да се бара смена за министер кој „се труди и има резултати“.
Според Деловникот на Собранието, интерпелацијата се спроведува по јасно утврдена процедура на поднесување и гласање. Расправата за интерпелација се одвива на пленарна седница, трае еден работен ден и мора да заврши најдоцна до 24 часот истиот ден, кога и се гласа.
Интерпелацијата претставува механизам за политичка контрола врз работата на министрите. Но, и ако помине во Собранието, не значи дека министерот автоматски ќе биде сменет. Таа претставува политички сигнал и основа врз која може да се побара оставка или да се отвори постапка за разрешување.


