Интерпелација за Тошковски во Собранието: „Левица“ обвинува за политизација на МВР, министерот гледа евтина политика

Објавено:

Пратеници на партијата Левица поднесоа интерпелација(барање одговорност) против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за сериозни пропусти во работењето на Министерството за внатрешни работи(МВР), што Тошковски го оцени како „евтин политички обид да се закочи процесот на расчистување со криминалот и корупцијата“.

Интерпелацијата е на дневен ред на денешната собраниска седница.

Пратениците Амар Мециновиќ, Борислав Крмов, Димитар Апасиев, Јована Мојсоска, Реџеп Исмаил и Сашко Јанчев тврдат дека министерот создал „приватна партиска полиција“, која, според нив, служи за заштита на власта и за спроведување политички реваншизам кон опозицијата. Исто така, го обвинуваат за командна одговорност за полициски пропусти кои доведоа до трагедијата во Кочани; непостапување на македонската полиција во случаи на семејно, врсничко и родово базирано насилство и говор на омраза. Меѓу другото, забележуваат и за, како што наведуваат, непрофесионални „двојни стандарди“ при постапувањето на полицијата со различно однесување за исти или слични случаи проследено со злоупотреба на овластувањата при употреба на сила.

Според Тошковски, пак, „Левица“ уште еднаш покажала дека „свесно или несвесно, станува најкорисниот сојузник на СДСМ и на ДУИ“.

„Ниту сум бегал, ниту ќе бегам од расправа. Напротив, аргументите ќе ги соочам таму каде што треба, во Собранието, јавно, пред сите пратеници и пред граѓаните. Таму секој ќе има можност да каже што мисли, а одлуката нека ја донесат избраните претставници на народот, согласно сопствената совест и одговорност“, напиша Тошковски на социјалните мрежи.

Според него, „лесно е од опозициска клупа да се пишуваат интерпелации и да се држат прес-конференции, но многу потешко е да се води институција, да се носи одговорност, да се донесуваат одлуки и да се штити безбедноста на граѓаните“.

Ова е трета интерпелација за министерот Тошковски, а втора од Левица. Претходната интерпелација на партијата беше разгледувана во Собранието во април 2025 година, но не доби поддршка од мнозинството пратеници. Истата беше отфрлена со 72 гласа „против“, додека „за“ гласаа 20 пратеници, а „воздржани“ немаше.

Интерпелација за неговата работа во 2024 година поднесе и ДУИ, обвинувајќи го Тошковски дека на денот на празникот на албанското знаме, како одговорни лица, и наредиле на полицијата на невиден и неоправдан начин да интервенира, спречувајќи мирна и традиционална манифестација на Албанците. ТТогаш, за инцидент со палење на македонското и албанското знаме беа уапсени 18 лица, а за десетина имаше прекршочни постапки.

Интерпелацијата претставува механизам за политичка контрола врз работата на министрите. Но, и ако помине во Собранието, не значи дека министерот автоматски ќе биде сменет. Таа претставува политички сигнал и основа врз која може да се побара оставка или да се отвори постапка за разрешување.