Тошковски: МВР конечно има нормален министер

Објавено:

„Вие не можете да прифатите дека конечно по многу години има министер што е нормален“, изјави денеска од собраниската говорница министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој одговори на барањата на опозицијата за негова оставка, потенцирајќи дека бројките говорат за работата на Министерството во изминатиот период. 

„МВР дава најдобри резултати во изминативе 20 години и вие треба да се гордеете со тоа, а не да измислувате приказни. Вие не можете да прифатите дека конечно по многу години има министер што е нормален. Нема да откријам детали од предистражни постапки. Но, потоа ќе видиме кој ќе се чеша на крајот на денот“, рече Тошковски.

Неговата реакција следува откако Левица денеска најави втора интерпелација против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обвинувајќи го за саботирање истраги, селективна правда, непрофесионално работење на полицијата и судир на интереси. Претседателот на партијата, Димитар Апасиев, на денешната прес-конференција, изјави дека состојбата во МВР дополнително се влошила, а институцијата наместо професионален сервис, станала „приватна партиска полиција“.

Но Тошковски вели дека МВР во изминатите две години по сите параметри и статистики имала најдобри резултати.

„Она што вие го правите е искучиво во рамки на вашиот личен интерес и да ги задржите овие неколку столчиња кои што ги чувате со предходните парламентарни избори. Јас ве уверувам пред целокупната македонска јавност на наредните парламентарни избори, вака ако продолжите, ќе имате само некое столче минус. А времето ќе каже дали сум бил во право или не сум бил во право“, рече Тошковски. 
 
Пратеникот Миле Талевски од СДСМ обвини дека МВР е нефункционално, побара одговори како пет тони дрога поминаа низ нашата граница, за убиства, криминал, за наводната шпионажа во кабинетот на претседателката на државата, а праша и дали вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, кој не доаѓа на работа, има обезбедување. 

Тошковски одговори дека вкупниот криминалитет е најмал во последните 20 години. Во врска со семејното насилство, посочи дека за околу 60 отсто е зголемен вкупниот криминалитет, а тоа е така бидејќи овој пратенички состав извршил измена на одредбите од КЗ и предвидел по службена должност да се водат одредени постапки што во минатото биле заташкувани.

„Сега, постапуваме многу поажурно и многу подобро. И жртвите се охрабруваат да пријават семејно насилство. И ги охрабрувам и во иднина. Секој еден кој е жртва на семејно насилство да го пријави. И да, овие бројки ќе се зголемуваат. Зошто, заради тоа што сега имаме институционален одговор кој што е побрз. Имаме итни мерки по кои што постапуваат судовите, имаме отстранување од домот на насилниците и имаме институционално делување кое што е подобро  од претходно. Тоа е факт. Дали вам ви се допаѓа или не, тоа е ваша работа. Дали е така, така е. Дали е доволно, не е“, рече министерот.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, реагираше за односот на Тошковски кон пратениците.

„Пратениците се тука да поставуваат прашања и министерот нема право да укажува дали и кое прашање тие ќе го постават. Ве молам, одговарајте без навреди и без закани кон опозициските пратеници. Имајте минимум респект кон пратениците“, рече Спасовски.

На прашањето дали вицепремиерот Арбен Фетаи користи службено обезбедување, Тошковски рече дека не води дневна евиденција и побара за тоа да се поднесе писмено барање на кое ќе одговори.
 
Во однос на петте тона дрога кои беа запленети во Србија, Тошковски повтори дека Македонија и Србија имаат билатерален договор и оти во рамки на системот „One stop“, Србија го контролира нејзиниот влез во државата. 

„Српската полиција ги штити влезовите во Република Србија согласно договорот што го имаме, а кој стои зад компанијата, кој стои зад тоа…? Ама пак да не се чешате после тоа. Јас нема да прекршам тајност во рамки на предистражни постапки по насоки на јавен обвинител. Овие постапки ќе завршат еден ден“, рече Тошковски. 

За потсетување, на 29 јануари годинава, во Србија беа запленети околу пет тони марихуана во близина на селото Коњух кај Крушевац. Според истрагата на српското Обвинителство за организиран криминал, дрогата била набавена на територијата на Северна Македонија и потоа транспортирана и складирана во Србија. Вредноста на дрогата се проценува меѓу 7 и 10 милиони евра.

Во акцијата беа уапсени повеќе лица, а дел од нив завршија во притвор. По српската акција, македонското МВР и Обвинителството отворија истрага и спроведоа претреси во повеќе компании за медицински канабис во Скопје и источниот регион. Во тие акции беа запленети над 40 тони марихуана и биомаса, а институциите соопштија дека биле утврдени сериозни неправилности во документацијата и во евиденцијата на количините.