Во последните два месеци низ полициските станици низ државата имало дури 309 пријави за семејно насилство, а најмалку 179 лица биле лишени од слобода.
Овие статистики може да се извадат од соопштенијата што Министерството за внатрешни работи (МВР) речиси секојдневно ги објавува по настанот во скопско Тафталиџе кога на 2 март мајката Ивана заедно со нејзината шестгодишна ќерка Катја – жртви на семејно насилство, скокна од балкон. Двете ги загубија животите.
Сопругот на Ивана и татко на Катја, Стојанче Јовановски, доби 12 години затвор, со неправосилната пресуда што денеска – 7 мај, ја изрече Основниот кривичен суд Скопје. Против него беше покренато обвинение за неколку кривични дела – телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување и помагање во самоубиство.
Но, ќе биде ли овој случај своевиден шамар кој ќе го освести општеството и институциите во борбата против семејното насилство?
ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА
Ажурноста не смее да спласне
Дел од активистите во невладиниот сектор го делат впечатокот дека има поместување кога е во прашање ажурноста на полицијата, но велат, тоа треба и да остане така и да не задржи само туку и за сите надлежни за борба против семејното и насилството врз жените.
„Апсолутно промени има, се почитува принципот на тоа итно постапување, се излегува на терен, се поднесуваат барања за итни мерки. Ситуацијата се сфаќа посериозно. Но, прашање е до кога ќе биде вака бидејќи и во минатото имало ажурно постапување после секој инцидент, но потоа тоа како да спласнува“, вели за Колегиум.мк извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, Елена Димушевска.
Како што вели таа, да се надеваме дека причината за ажурноста на институциите не е и тоа што сè уште има активни постапки во кои треба да се утврди дали имало одговорност кај полицијата, Центарот за социјална работа и други односно дека будноста на институциите не се должи само на „стравот“ да не бидат казнети.
Внатрешната контрола, како што е познато, во случајот од Тафталиџе утврди дека вкупно 39 полицајци погрешиле во постапувањето за семејното насилство во случајот со Ивана, која како жртва и самата пријавувала. Наодите од контролата беа доставени до Обвинителството за понатамошна постапка.
Кога е во прашање борбата против семејното насилство, полицијата не е единствена надлежна, посочуваат од невладиниот сектор.
Ќе видиме дали има реално поместување и кога судските органи ќе си ја вршат работата со нивните одлуки, коментира и Бети Пеева од невладината ЕХО, организација од источниот регион на државата која се занимава со прашања од областа на заштитата на жените жртви на родово базирано насилство.
„Полицијата посериозно си ја сфати работата, тоа го гледаме и кога кај нас доаѓаат жртви кои пријавуваат во полиција тоа веќе се третира како кривична пријава, за разлика од порано кога се водеше најчесто како поплака. Но, не е доволно само ажурното постапување на полицијата. Потребно е да се зголеми координацијата меѓу институциите бидејќи согласно закон тие се должи да соработуваат и да ги пријавуваат случаите меѓу себе – полицијата и центрите за социјална работа и обратно“, вели Пеева за Колегиум.мк.
Во едно советувалиште за 300% зголемен бројот на јавувања од жртви
Таа посочува пример дека во Штип одамна имаат формирано мултисекторски тим. Како граѓанска организација работат и во други градови, како Прилеп и Гевгелија, и она што го гледа како разлика е дека во оние средини каде има мултисекторски тимови кои си ја сфаќаат работата сериозно, има голема разлика во ефикасноста на заштитата на жртвите во споредба со местата каде тие не функционираат.
Случајот со Ивана и Катја треба да послужи и како лекција, согласни се соговорничките.
По оваа трагедија што се случи на 2 март, посочуваат од двете организации, се зголемил и бројот на пријави кај нив.
„Можам да кажам дека од аспект на нашето советувалиште, имаме за 300 отсто зголемени јавувања во изминатите два месеци од жени кои бараат помош и се спремни да пријават. Самиот случај ги охрабри да пријават и да преземат чекори да се заштитат и да побараат помош од институциите“, вели Димушевска од Националната мрежа.
Поголема храброст нотираат и од ЕХО.
„Нам ни се случува во текот на една недела да имаме по 5-6 пријавени случаи. Порано и кога пријавуваа, можеа да се повлечат“, вели Пеева.
Таа потенцира дека во целата ситуација влијае и тоа што, според нивното искуство, има поголема свесност кај надлежните кои по трагедијата почнале да ги применуваат во пракса законските измени што овозможија семејното насилство да се гони по службена должност. Односно, по пријавата веќе не зависи од жртвата која од страв може да се повлече од прогон на насилникот туку надлежните постапуваат сами по службена должност.
Дневно по 15 сигнали за случаи на семејно насилство
Во споменатите 309 случаи на семејно насилство за кои МВР информираше во изминатите два месеци, најчести жртви се жените. До објавување на овој текст не добивме одговор од Министерство на што се должи зачестената динамика на објавување (речиси секојдневно) на ваквите случаи – дали по случајот од Тафталиџе е зголемен бројот на пријави, дали полицијата постапува поажурно или нешто друго.
Сепак, од статистиките што јавно беа споделени од министерот Панче Тошковски, се нотира дека во претходните осум години во просек дневно имало по 15 сигнали за семејно насилство-во периодот од 2018 до 2025 година се регистрирани над 44.700 случаи со елементи на семејно насилство.
Во истиот период се регистрирани над 8.500 кривични дела, над 2.900 прекршоци и повеќе од 33.000 поплаки. Во оваа статистика влегуваат и 42 убиства, 24 убиства во обид и 192 тешки телесни повреди.
Зборувајќи за улогата на полицајците во вакви случаи, министерот Панче Тошковски на надзорна расправа во Собранието на 27 април посочи дека таа најчесто прва доаѓа во контакт со жртвата и прва постапува и носи одлуки, но „не би било често ниту коректно овој проблем да се сведе само на неа“. Тука се, рече тој, и Центрите за социјална работа, како и Обвинителството од кои е потребна брза реакција.
„Реално е да се каже дека се направени одредени поместувања, но и понатаму постојат слабости кои се манифестираат во координацијата помеѓу институции, во нејасно поставени надлежности и во ситуации кога реакцијата е формално навремена, но суштински недоволна“, рече Тошковски.
Проблемот, посочи тој, не е од вчера туку со години се таложел во системот што предолго реагирал откако насилството ќе ескалира, наместо кога ќе се појават првите сигнали.


