Вкупно 39 полицајци погрешиле во постапките за пријавено семејно насилство кое го трпела скопјанката Ивана Јовановска. Таа во безизлезната ситуација во која се нашла со својата шестгодишната ќерка Катја почина по пад од балкон во зграда. До ова сознание за грешките на полицајците дојде полициската внатрешна контрола. За полициските пропусти, Одделот за внатрешна контрола доставил известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Предметот ќе го разгледа јавен обвинител од Специјализираното одделение за постапување по случаи во кои сторители се полициски службеници и припадници на затворската полиција.
Семејството во судската постапка против сопругот на Ивана, Стојанче посочија дека пријавите за семејно насилство биле поднесувани со години, но надлежните институции не реагирале навреме и соодветно. Од тоа што беше јавно споделено од најблиските и соседите, Јовановски бил повеќепати пријавуван од својата сопруга Ивана, од нејзини блиски, но и од други сведоци на агресивно и насилно однесување, кое понекогаш било и јавно.
Во Основниот кривичен суд во Скопје е во тек судењето против Јовановски, кој е обвинет за повеќе кривични дела, меѓу кои наведување на самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста. Тој призна вина за телесна повреда и загрозување на сигурноста, велејќи дека за делото наведување на самоубиство не се чувствува виновен. Но, набрзо го повлече признанието, тврдејќи дека бил присилен.
Семејното насилство и фемицидот и оваа година остануваат меѓу најсериозните предизвици во заштитата на човековите права во Македонија, покажуваат податоците од Канцеларијата на Народниот правобранител.
Народниот правобранител Фатон Селами предупредува дека е неопходна побрза и поефикасна реакција од институциите, особено од полицијата, центрите за социјална работа и Јавното обвинителство.
„Жртвата, откако ќе го пријави случајот, треба да биде заштитена од државата – и таа и нејзините деца. Доколку нема каде да се засолни, таа е принудена да се врати во средина каде што повторно е изложена на ризик“, изјави Селами.
Тој посочува дека во такви ситуации државата има обврска да обезбеди сигурност и конкретна заштита, а не само формално постапување по пријавите.
Според евиденцијата на невладините кои се занимаваат со заштита на правата на жртвите од семејно насилство, од почетокот на годинава до сега се случиле најмалку 6 фемициди.


