Првиот ќотек го добилa дента по свадбата на ќерката. Бил толку пијан, кршел и викал, што таа се заклучила во подрум за да се скрие од него. Кога веќе не му го слушала гласот, доцна во ноќта, ѕирнала во собата и го видела заспан на подот, каде претходно повратил. Си легнала во соседната соба и око не склопила. Ја болеле и телото и душата.
Следниот ден пак ја истепал, зашто вчера му избегала на „половина ќотек“.
Тупаниците продолжиле и во следните месеци….таа пропаднала, остарела предвреме, а тој не гледал ништо друго освен шишето ракија. Пензиониран како работник со бенифициран стаж, на 50-тина години го имал луксузот да нема никакви обврски кон никого, освен да не остане без ракија за себе.
Вака со години живеела жена од град во внатрешноста на државата, откако сопругот со кого претходно имале пристоен брак, почнал да пие и да ја тепа. Тешко му паднало што единствената ќерка му заминала од домот, па двајцата останале сами, го правдала таа.
ТИМОТ НА КОЛЕГИУМ.МК НАПРАВИ ГЕЈМИФИКАЦИЈА НА СТОРИЈА КОЈА НА ЕДЕН ПОИНАКОВ НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА ЧЕКОРИТЕ НА ПРИЈАВУВАЊЕ НА СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО, НО И СОПКИТЕ ВО СИСТЕМОТ.
ИГРАЈ ЈА ПРИКАЗНАТА ТУКА
Молчела иако соседите знаеле дека и среде ноќ ја брка од дома. Ги криела модриците, не го пријавила во полиција, туку отишла во подрумот и се обидела да се отруе. Завршила на Клиника за токсикологија, а после и на психијатар. Се вратила дома, уште се обидувал да ја тепа, ама таа научила умешно да го избегнува. Продолжиле да живеат заедно.
Само од 1 јануари до 10 март годинава се пријавени 319 кривични дела поврзани со семејно насилство. Од нив, полицијата поднела 207 кривични пријави, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР) за Колегиум.мк.
Тоа се по три кривични пријави дневно, секој ден во период од два ипол месеци.
Викендов на 28 и на 29 март, полицијата приведе седум лица поради семејно насилство. Во Скопје, снаа нападнала свекрва, ќерка нападнала мајка, а во Кавадарци, син ги нападнал таткото и поранешната сопруга, а во Охрид е заведен случај на физички напад врз партнерка од страна на партнерот. Снаа нападнала свекрва и во Гостивар, а во Струмица сопруг бил насилен кон сопругата.
И покрај стотиците пријави за семејно насилство, институциите често не го прават најважното – проценката за тоа колкав е ризикот за жртвата ако остане под ист покрив со насилникот, без соодветни мерки што би спречиле трагичен крај.
„Ме тепаше оти бебето плачело, не сум знаела да го дојам“
Тоа ѝ се случило и на соговорничка на Колегиум.мк, која сакаше да остане анонимна. Идиличната врска уште од студентски денови се претворила во пекол веднаш штом им се родило првото дете. Спасот го нашла во друга држава.
„Почна да ме обвинува дека не знам да бидам мајка, многу ми плачело бебето. Ги посочуваше неговата сестра, мајка му, дури и мојата сестра како добри примери, а јас неспособна. Се пожалив на моите а мајка ми рече трпи, сите така трпат. Не ме гледаа како неискусна прворотка туку како мајка неспособна да воспита дете. А детето имаше три,четири месеци и многу беше плачливо…“, раскажува соговорничката.
По совет од сосетка отишла во центарот за социјални работи во градот каде живела. Таму ѝ рекле дека додека е невработена детето може да ѝ биде одземено и доделено на сопругот, дека треба да има потврда од полиција и лекарско уверение за телесни повреди, евентуално и сведоци за насилство. И дека треба заедно со сопругот да посетат брачно советувалиште.
„Јас уверение за телесни повреди немав, сведоци немав, породилното едвај ми ги покриваше основните трошоци. Се надевав дека разговорот во брачното советувалиште ќе помогне. Меѓутоа на советувањето тој цело време тврдеше дека не знам да го дојам бебето и затоа плаче, а јас сум била многу нервозна. Заклучокот на стручните лица беше да посетам психолог. Стигнавме дома и штом се стемни за да нема многу луѓе надвор, ме претепа“, раскажува соговорничката.
Насилството продолжило, им станала тешка финансиската ситуација, па ѝ неретко ѝ викал да стане од масата на ручек оти тој го купил јадењето. Во потрага по работа, се преселиле во друга држава, сега веќе со две деца. Таму тортурата била уште посилна. Штом малку го научила јазикот, соговорничката побарала помош од сопругата на нејзиниот шеф. Службите условно го казниле насилникот, му одредиле колку пари да ѝ дава и му наредиле да се исели. Бидејќи не можел веднаш да најде стан, станот во кој живееле им го поделиле на половина – соба за него, две соби за сопругата со децата.
Така живееле повеќе од десет години, додека децата не станале полнолетни. Тогаш нашата соговорничка се вратила во Македонија без покрив над главата, без работа и осудувана од семејството зошто го оставила сопругот.
Успеала да се разведе по 25 години брак, без вистинска институционална поддршка кога ѝ била потребна.
Систем што „смирува“ наместо да заштити
Полициската статистика од 1 јануари до 10 март освен пораст на семејното насилство, покажува и дека бројот на поплаки за ова дело е двојно поголем од кривичните постапки – иако поплаките се полоша опција за жртвите.
Дел од пријавите завршуваат само како поплаки бидејќи на жртвите им се кажува дека за кривична постапка е потребно лекарско уверение, вели Стојне Митева од здружението „Скај плус“ од Струмица.
„Тоа не е точно. Полицијата е должна да направи проценка на ризик – да утврди колку жртвата е во опасност и дали ризикот се зголемува додека таа сама оди од институција до институција“, вели Митева.
Кога случајот останува на поплака, насилникот најчесто само ќе биде предупреден. Во пракса, вели Митева, на сопружниците им се сугерира „да ја смират ситуацијата“, без вистинска заштита за жртвата.
Во случаи, пак, кога жртвата инсистира на постапка, се вклучуваат полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа. Но токму тука често се прават сериозни пропусти, покажало искуството на адвокатката Катерина Котеска Стисниовска.
„Истанбулската конвенција е јасна – не смее да има мирење меѓу жртвата и насилникот. Но во пракса, институциите често се обидуваат да го зачуваат семејството, наместо да ја заштитат жртвата“, вели Котеска Стисниовска.
Според неа, ваквиот пристап може да го охрабри насилникот, оставајќи впечаток дека ќе помине без последици и може да го поттикне повторно да прави насилство сметајќи дека „има државен орган кој ќе му прости“.
Конвенцијата на Советот на Европа против насилство врз жените и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, е правен инструмент чија цел е да ги заштити жените од сите форми на насилство.
Но, иако Македонија од 2023 година во неколку наврати го измени Кривичниот законик, а и допрва треба да се менуваат осум закони, искуствата на жртвите низ институционалните лавиринти покажуваат дека талкањето низ нив не е многу поразлично од патот кој до правдата морале да го одат жените кои трпеле насилство пред десетици години, како што покажуваат примерите на нашите соговорнички.
Пријава во болница, во училиште, во Центар за социјална работа
Жените кои трпат насилство во домот, освен во полиција или во центрите за социјална работа, случајот може да го пријават и во болница. Но, пријавите понекогаш доаѓаат и од децата кои може да пријават или на наставник или кај стручните служби.
Понатаму, училиштата треба да постапуваат според посебен протокол за заштита на децата од какво било насилство.
Но, жртвите неретко се обраќаат и до граѓански организации. Некои од нив раководат со засолништа
(шелтер центри). За да се сместат жртвите во шелтер центар, неопходно е да имаат решение од центарот за социјална работа, кое може да биде за период од три или шест месеци.
Но, Државниот завод за ревизија уште во 2025 година предупреди дека засолништата покриваат само 37 отсто од реалните потреби, а голем број центри не работат, некои поради истечени договори за закуп.
Согласно стандардите на Истанбулската конвенција, државата треба да обезбеди 184 легла во засолништа, а има само 67. Воспоставени се 11 советувалишта наместо потребните 19.

Жените остануваат најчести жртви на насилството во домот
Македонија е една од првите земји во регионот која го воведе фемицидот (најекстремна форма на родово-базирано насилство) како посебно кривично дело во 2023 година.
Со последните измени на Кривичниот законик, семејното насилство веќе може да се гони и по службена должност.
Но не само овие, властите во годините наназад дополнително ја изменија легислативата, што сепак не беше доволно за Македонија да не е во водечките места по бројот на фемициди, веднаш зад Литванија и Латвија, според Евростат (бирото за статистика на Европската комисија).
Бројките и понатаму се загрижувачки. Претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова од собраниската говорница минатиот месец, посочи дека веќе во првите два месеца од 2026 се регистрирани четири случаи на фемицид.
Жените во континуитет остануваат најчести жртви на насилство во домот. Од вкупно 1.275 жртви на семејно насилство во цела 2025 година, 1.033 биле жени. Најмногу од нив се сопруги, одговорија од МВР за Колегиум.мк.
Ланската година регистрирани се 1.195 кривични дела од семејно насилство, а 284 прекршоци и 5.436 поплаки.
Трагедијата од 2 март 2026 година, во која скопјанка и нејзината шест годишна ќерка загинаа по пад од балкон во Скопје после долги години семејно насилство се надоврзува на претходни трагични случаи за што активисти организираа и протести и повторно ја отвори темата за одговорноста на институциите кои треба да ги заштитат жртвите.
За некои жртви, пропустите и бавноста на системот имаат фатален исход.


