Јотова: Сагата за ОМО Илинден брзо ќе заврши, такви досиеа ја расипуваат сликата за Бугарија

Објавено:

Пресудите на Европскиот суд за човекови права во полза на Обединетата македонска организација „Илинден“ од Бугарија била една од трите теми на вчерашната средба во Стразбур на бугарската претседателка Илијана Јотова со Ален Берсе, генералниот секретар на Советот на Европа, институција надлежна за надзор на спроведувањето на пресудите на Судот во Стразбур.

„Втората тема беше, се разбира за движењето на досието ОМО „Илинден“ и многу се надеваме дека на една од наредните седници таа сага ќе заврши. Се разбира, го потцртав бугарскиот став, за да чуе тој (Берсе) од прва рака, дека ние сме ги спровеле сите нивни препораки до овој момент. Го променивме законот заедно со Агенцијата за регистрација, за да можат таму да се регистрираат. За жал, тие секојпат пропуштаат по некој документ. Оваа тема исклучително многу се користи против Бугарија, се обидуваат да вклучат и текстови во резолуцијата за напредокот на Република Северна Македонија, кога станува збор за евентуални спорови со Бугарија. Ние го негираме тоа, прво, зошто нема билатерален спор, тие, едноставно, не ја почитуваат политиката на Францускиот компромис што беше постигнат“, изјави Јотова пред новинарите во Стразбур, пренесоа дел од бугарските и македонските медиуми.

Од друга страна, додаде Јотова, „треба да ни биде јасно дека овие тековни досиеја треба да бидат завршени, зошто тоа не е добро за сликата на Бугарија“.

Европскиот суд за човекови права во повеќе наврати утврдуваше повреди на правото на слобода на здружување и мирно собирање во случаите поврзани со ОМО „Илинден“ и ОМО „Илинден“-Пирин. Меѓу позначајните се пресудите од 2005 и 2006 година, како и серијата од 2011 година, кога Судот утврди дека бугарските власти неоправдано одбивале регистрација на здружението и забранувале собири на неговите симпатизери. Во 2017 година, во предметот „ОМО Илинден и други против Бугарија (бр. 3)“, Судот повторно утврди повреда на членот 11 од Конвенцијата поради одбивањето на регистрацијата. Сепак, пресудите не доведоа до трајна регистрација на организацијата – и по нив бугарските судови во одделни постапки повторно одбиваа регистрација, па спорот за статусот на ОМО „Илинден“ продолжи.

Последни објави