Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска (10 јуни) се очекува да има билатерална средба со нејзината колешка од Бугарија, Илијана Јотова, во Софија. Средбата ќе биде во рамки на Самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) чиј домаќин е бугарската претседателката.
Средбата доаѓа во период на политички раздвижувања кога е во прашање евроинтеграцијата на Северна Македонија и земјите во регионот откако на Самитот на ЕУ-Западен Балкан пред неполна недела една од теми на разговор беше и нон-пејпер на Франција и Германија кој предвидува постепена интеграција на балканските земји во Унијата.
Но, и пораките кои постојано стигаат до Скопје од Софија и Брисел се јавни – потребни се уставни измени за отворање на поглавјата од преговорите додека македонската влада инсистира дека треба да добие гаранции оти ќе нема нови непринципиелни условувања и блокади од бугарска страна.
Сиљановска-Давкова во пресрет на средбата во интервју за емисијата „360 степени“ посочи дека очекува да се отворат суштински прашања бидејќи нема нерешлив проблем.
„Тоа е природно продолжение на нашата средба во Ереван на едно пријатно женско говорење. Мислам дека треба да го продолжиме тоа и затоа ја споменувам неопходноста од мерки за градење доверба“, рече претседателката.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, не знае што ќе се разговара на средбите во Софија каде Сиљановска-Давкова ќе биде придружувана и од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски. Тој рече дека како Влада имаат план и стратегија по кои работат.
„Како човек очекувам да имаме добрососедски односи со сите соседи. Како претседател на Влада, ќе сторам сè што е во наша моќ, прво, да го заштитам интересот на граѓаните, да го заштитам идентитетот и интересот на државата. И, второ, нормално, да градиме добрососедски односи со сите наши соседи врз основа на принципот на двонасочна улица. Затоа што за секоја работа во животот треба најмалку двајца“, изјави Мицкоски на 9 јуни додавајќи дека нема да ветуваат чуда.
Бугарија на почетокот на мај доби нова влада предводена од Румен Радев кој претходно беше претседател на државата. Од Самитот ЕУ-Западен Балкан минатата недела тој порача дека Северна Македонија само треба да ги впише Бугарите во Устав за да ги почне преговорите.
Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.
Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.


