ЕУ го засили притисокот за проширување, а Радев и Рокас со порака до Скопје: Уставните измени, па преговори

Објавено:

Со воведните зборови на домаќините започна Самитот на Европската Унија и Западен Балкан што се одржува во Тиват, Црна Гора. На гостите им се обратија претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. Кошта, кој претходно неделава ги посети сите земји од регионот, им порача за земјите кандидати да „засукаат ракави“ и да си ги забрзаат реформите.

„Мојата порака до Западниот Балкан е јасна: ЕУ е посветена на проширувањето. Сега е време да се искористи моментумот и да се спроведат реформите“, изјави Кошта.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека ЕУ е во процес на градење поголема стратешка автономија и дека станува побезбедна, поотпорна и посилна, но дека нема да биде комплетна без Западен Балкан.

„Ќе разговараме како да го забрзаме процесот на проширување, да го направиме повидлив и стратешки значаен. Сакам да испратам порака до сите земји од Западен Балкан, а особено до нашиот домаќин Црна Гора, дека постои моментум. Да го претвориме тој моментум во движење, а движењето во членство“, порача шефицата на Европската комисија.

Главен фокус на самитот кој денеска се одржува проширувањето на Унијата.

Радев со порака до македонските власти пред почетокот на Самитот

Пред почетокот на седницата на Самитот, бугарскиот премиер Румен Радев за Дојче Веле изјави дека единственото нешто што треба да го направат македонските власти за да почнат преговори со Европската унија е да ги впишат Бугарите во Уставот.

„Подготвени сме да помогнеме на секоја земја што аплицира за членство, особено на нашите браќа од Северна Македонија. Чекаме тие конечно да ја исполнат преговарачката рамка. Имаме консензус од јули 2024 година и чекаме тие конечно да го изменат Уставот и да ги вклучат Бугарите во него. Многу е едноставно. Потребно е да го направат само овој чекор за да се отвори вратата за преговарачкиот процес“, рече Радев за ДВ.

Во меѓувреме од Скопје евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека Европската унија има силна определба земјава да го започне преговарачкиот процес за членство, но потенцираше дека преземените обврски за уставните измени од 2022 година остануваат неопходен услов за напредок.

Шефот на делегацијата на ЕУ во земјава се повика на неодамнешните пораки на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изразувајќи надеж за конструктивност во билатералните односи со соседите во периодот што следува.

„Сите знаеме дека заложбите направени во 2022 година треба да бидат спроведени. Со тоа има голема определба Северна Македонија да го започне процесот на преговори и нема сомнеж дека земјата припаѓа на европското семејство. Работиме доста активно со цел неопходните услови да се исполнат и да одиме напред. Најважно е во меѓувреме да имаме доверба и се надевам дека нашите соседи заедно со Европската унија ќе бидат доста конструктивни во наредните денови и месеци“, изјави Рокас.

Рокас стави посебен акцент на пораката за заедништво во регионот, нотирајќи го и Самитот на Западен Балкан во Тиват, како и заедничкото писмо од францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Мерц за поедноставување на пристапниот процес.

Во својот воведен говор на почетокот на Самитот, претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта испрати порака до земјите од Западен Балкан.

Германскиот канцелар Мерц со критика за закочениот процес на проширување

Пред почетокот на Самитот германскиот канцелар Фридрих Мерц упати критики кон процесот на проширување на Европската Унија.

„Ако веќе 13 години не сме примиле нови членки, тоа покажува дека пропустите не се само кај кандидатите, туку и на страната на Европската Унија.Европската Унија мора да покаже дека е способна и подготвена за проширување“, изјави Мерц пред средбата во Тиват.

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски кој е дел од Самитот, на својот фејсбук профил објави дека пред почетокот на настанот се сретнал со канцеларот Мерц. На средбата, како што изјави Мицкоски, се разговарало за европските перспективи на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, како и за нон – пејперот на Германија и Франција.

„Разговаравме и на таа тема. Ние имаме свој инпут во сето тоа и свое мислење, го пренесовме. Подетално ќе разговараме сега на работниот дел од Самитот, така што, да бидеме трпеливи, сепак, ова се моменти кога практично ЕУ односно Европскиот совет јасно кажува дека процесот на проширување е жив. Она што е наша обврска како влада е тој процес го зачуваме, да напредуваме, но истовремено да не го изгубиме достоинството како што беше пример во минатите децении кога станува збор за нашите аспирации за членство во ЕУ“, одговори Мицкоски на новинарски прашања пред почетокот на седницата.

Претходно, објави дека се сретнал и со францускиот претседател Емануел Макрон. Според оценката на премиерот, разговорот поминал во пријателска и срдечна атмосфера, а во фокусот биле евроинтеграциите и регионалните предизвици.

„Франција е една од највлијателните држави во Европа, па затоа е важно да се разговара отворено, директно и со јасно изразени очекувања. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка“, напиша Мицкоски.

Во пресрет на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Црна Гора, Германија и Франција подготвија нон-пејпер со фокус на Западен Балкан и Молдавија кој промовира т.н. постепена интеграција за земјите кандидати.

Според заедничкиот документ, владите на Берлин и Париз ќе се заложат за први чекори во интеграцијата уште пред полноправното членство, со цел да се забрза процесот на пристапување кон ЕУ. Според документот, исполнувањето на одредени критериуми за прием ќе биде наградено со привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар и со испраќање набљудувачи во европските институции.

„Политиката на проширување има потреба од нов импулс“, се наведува во документот во кој увид имала Германската новинска агенција (ДПА).

На самитот ќе присуствуваат повеќе од 30 европски лидери, вклучувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен. Разговорите ќе се фокусираат на поблиска интеграција на шесте земји од Западен Балкан во европскиот единствен пазар како чекор кон полноправно членство.

За прв пат Црна Гора е домаќин на Самиот ЕУ – Западен Балкан

Самитот на Европската Унија и Западен Балкан, кој започнува во петок во Тиват, е првиот ваков собир што се одржува во Црна Гора. Редовните самити на ЕУ со Западен Балкан станаа пракса од 2020 година, кога тогашното хрватско претседателство предложи лидерите да се среќаваат еднаш годишно, бидејќи Западен Балкан тогаш беше единствениот регион со одредена европска перспектива.

Самитите се одржуваа на територијата на Европската Унија. Самитот ЕУ-Западен Балкан, одржан во Тирана во 2022 година, го означи првиот пат кога европски собир на највисоко политичко ниво се одржа надвор од границите на ЕУ. Тогаш беше најавено дека собири периодично ќе се организираат и во земјите-кандидатки.

Првиот самит одржан во Црна Гора се совпадна со неколку важни настани за таа земја, вклучувајќи го јубилејот – дваесетгодишнината од обновувањето на државноста, но и неодамнешната потврда дека е најсигурна идна членка на Европската Унија. За разлика од претходните прилики, овој самит нема да има документиран епилог. Според најавите на европските претставници вклучени во организацијата на состанокот, нема да се договори заедничка декларација, јавува Радио Слободна Европа. Освен потврдата дека иднината на регионот е во Европската Унија, единствената конкретна понуда од Брисел до Западен Балкан ќе биде најавата дека регионот би можел да стане дел од зоната без роаминг веќе следната година.