Проширувањето на ЕУ тема на Самитот во Црна Гора

Објавено:

Потребата од подобрување на владеењето на правото во сите држави од регионот, целосно усогласување со заедничката надворешна политика на Европската Унија, вклучувајќи ги и санкциите против Русија, како и решавањето на билатералните спорови меѓу државите од Западен Балкан, ќе бидат клучните пораки што европските лидери ќе им ги пренесат на своите соговорници од регионот на денешниот Самит Европска Унија – Западен Балкан кој денеска се одржува во Црна Гора. Македонскиот премиер Христијан Мицкоски е еден од учесниците на Самитот кој се одржува во Тиват.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон планираат на Самитот ЕУ – Западен Балкан и Молдавија да презентираат нова иницијатива со која ќе се забрза интеграцијата на земјите кандидатки од Западен Балкан во Европската Унија, јавува новинската агенција МИА.

Според заедничкиот документ, владите на Берлин и Париз ќе се заложат за први чекори во интеграцијата уште пред полноправното членство, со цел да се забрза процесот на пристапување кон ЕУ. Според документот, исполнувањето на одредени критериуми за прием ќе биде наградено со привилегиран пристап до заедничкиот европски пазар и со испраќање набљудувачи во европските институции.

„Политиката на проширување има потреба од нов импулс“, се наведува во документот во кој увид имала Германската новинска агенција (ДПА).

Предвидено е Мерц на самитот во Тиват да има билатерални средби со премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, како и со претседателите на Црна Гора и Србија, Јаков Милатовиќ и Александар Вучиќ.

Како што наведуваат владини извори, во овие разговори посебен акцент ќе биде ставен на перспективата шесте земји од Западен Балкан да се приклучат кон Европската Унија. Конкретно, се очекуваат првите предлози за нивна побрза интеграција во институциите и политиките на ЕУ, дури и пред нивното полноправно членство, наведува новинската агенција ДПА.

Зајакнувањето на безбедноста и отпорноста во услови на се посложена геополитичка ситуација, како и унапредувањето на соработката во безбедносната и одбранбената политика, се дел од темите за кои ќе дискутираат лидерите на земјите кандидати за членство во Унијата со нивните колеги од земјите членки на ЕУ.

Со собирот ќе претседава претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта, додека домаќин е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ. На Самитот ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас и претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Метсола.

Фон дер Лајен по пристигнувањето во Тиват изјави дека Самитот на ЕУ и Западен Балкан е посветен на следните чекори во европската интеграција на регионот

„Прекрасно е повторно да се биде во Тиват. Каде што луѓето и културите се среќаваат со векови. Целиот Западен Балкан лежи во срцето на европската историја. Нашиот самит е посветен на следното поглавје“, напиша фон дер Лајен на социјалната платформа X порано позната како Твитер.

Заедно со таа порака, фон дер Лајен објави видео на кое се гледа како таа и Кошта, пристигнуваат на неформална вечера, која домаќините на Самитот, претседателот и премиерот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и Милојко Спајиќ, вчера ја организираа по повод 20-годишнината од независноста на Црна Гора.

Според најавите, лидерите на земјите од Западен Балкан и Европската Унија ќе разговараат за проширувањето и Планот за раст, при што ЕУ се очекува повторно да ја потврди својата целосна и недвосмислена поддршка за европската перспектива на регионот.

На Самитот му претходеше турнејата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на земјите од Западен Балкан, во рамки на која се сретна со лидерите од регионот, а денеска ќе биде копретседавач на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват.

За прв пат Црна Гора е домаќин на Самиот ЕУ – Западен Балкан

Самитот на Европската Унија и Западен Балкан, кој започнува во петок во Тиват, е првиот ваков собир што се одржува во Црна Гора. Редовните самити на ЕУ со Западен Балкан станаа пракса од 2020 година, кога тогашното хрватско претседателство предложи лидерите да се среќаваат еднаш годишно, бидејќи Западен Балкан тогаш беше единствениот регион со одредена европска перспектива.

Самитите се одржуваа на територијата на Европската Унија. Самитот ЕУ-Западен Балкан, одржан во Тирана во 2022 година, го означи првиот пат кога европски собир на највисоко политичко ниво се одржа надвор од границите на ЕУ. Тогаш беше најавено дека собири периодично ќе се организираат и во земјите-кандидатки.

Првиот самит одржан во Црна Гора се совпадна со неколку важни настани за таа земја, вклучувајќи го јубилејот – дваесетгодишнината од обновувањето на државноста, но и неодамнешната потврда дека е најсигурна идна членка на Европската Унија. За разлика од претходните прилики, овој самит нема да има документиран епилог. Според најавите на европските претставници вклучени во организацијата на состанокот, нема да се договори заедничка декларација, јавува Радио Слободна Европа. Освен потврдата дека иднината на регионот е во Европската Унија, единствената конкретна понуда од Брисел до Западен Балкан ќе биде најавата дека регионот би можел да стане дел од зоната без роаминг веќе следната година.