Усен демарш до Бугарија поради терминот „северномакедонски“

Објавено:

Република Бугарија доби демарш од Северна Македонија поради употребата на терминот „северномакедонски“ од шефицата на бугарската дипломатија Весислава Петрова-Чамова.

Бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков, денеска (12 мај) бил повикан на разговор во Министерството за надворешна работа и надворешна трговија при што му бил упатен усен демарш.

Причината, како што појаснуваат од Министерството, е несоодветното адресирање од стана на Петрова-Чамова која во изјава за медиумите рече „северномакедонски партнери“.

Петрова-Чамова, како и министерот на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, вчера (11 мај) беа меѓу министрите што присуствуваа на Советот за надворешни работи на Европската Унија.

Петрова-Чамова рече дека имала „добра прва средба со Муцунски.

„Бугарија има јасен став, кој од 2022 година веќе не е билатерално прашање туку прашање на дискусија меѓу ЕУ и земјата-кандидат. Овој став беше потврден и денеска и мило е што имаме широк политички консензус во Бугарија. Им го кажав ова и на нашите северномакедонски партнери“, гласеше дел од нејзината изјава од Брисел.

На ова остро реагираше македонската страна. Користењето на „северномакедонски“ Муцунски го оцени како несоодветно и неточно“.

„Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ. Во дипломатијата, прецизноста не е формалност. Таа е одраз на почит“, реагираше Муцунски.

Тој демантираше и дека имале официјална билатерална средба посочувајќи дека тоа бил едноминутен разговор на маргините на настанот. Ако тоа е средба, ироничен беше Муцунски, тогаш навистина имавме многу средби.

Ова беше тема и на домашната политичка сцена. Опозицискиот СДСМ обвини дека власта прво криела за средбата.

„Прво ја кријат средбата, после тоа ја минимизираат. Потоа создаваат вештачки конфликт за да се сокрие вистината. Колку уште лаги се потребни? Колку уште спинувања се потребни? Колку уште блокирања на европскиот пат за да заштитат својата криминална група и да продолжат со грабежот на државата?“, реагираше партискиот лидер Венко Филипче на прес-конференција на 12 мај.

Весислава Петрова-Чамова е нова министерка за надворешни работи на Бугарија во Владата која беше формирана пред три дена. Владата е предводена од доскорешниот бугарски претседател Румен Радев кој победи на изборите на 19 април кои беа осми по ред во последните пет години.