Употребата на терминот „северномакедонски“ и прашањето дали двајцата министри за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија имале средба или не, запали нови искри меѓу Скопје и Софија.
Шефовите на дипломатијата на двете држави вчера беа во работна посета на Брисел, каде се одржа Советот за надворешни работи на Европската Унија, од каде за македонско-бугарските односи во изјава за медиумите зборуваше новата министерка за надворешни работи на Бугарија, Весислава Петрова-Чамова.
Таа рече дека имала „добра прва средба“ со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски при што го употреби и терминот „северномакедонски“.
„Бугарија има јасен став, кој од 2022 година веќе не е билатерално прашање туку прашање на дискусија меѓу ЕУ и земјата-кандидат. Овој став беше потврден и денеска и мило е што имаме широк политички консензус во Бугарија. Им го кажав ова и на нашите северномакедонски партнери“, рече Петрова-Чамова.
Таа кажа дека очекува Северна Македонија да покаже дека има целосна политичка подготвеност да продолжи напред по својот пат.
Ваквата изјава предизвика остра реакција од Муцунски.
„Користењето на терминот ’северномакедонски‘ за означување на македонскиот народ е неточно и несоодветно. Македонците се Македонци. Ова не е прашање на политика, туку на основно почитување на идентитетот и достоинството на еден народ. Во дипломатијата, прецизноста не е формалност. Таа е одраз на почит“, напиша Муцунски во реакција на социјалните мрежи.
Тој со ироничен тон го искоментира и тоа дека имале средба со бугарската колешка.
„Би сакал да појаснам дека денес немавме официјална билатерална средба. Имавме кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги. Ако едноминутен разговор се нарекува „средба“, тогаш денес навистина имавме многу ’средби‘“, наведе шефот на дипломатијата.
Тој додаде и оти се надева дека наскоро навистина ќе одржат средба „во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и наша заедничка европска иднина“.
Ова се први искри на релација Софија – Скопје откако Бугарија пред три дена доби нова влада предводена од премиерот Румен Радев, кој претходно беше претседател на државата.
Радев ја формираше владата откако победи на парламентарните избори на 19 април, кои беа осми по ред за пет години. Во новата влада, како шефица на дипломатијата беше избрана Весислава Петрова-Чамова.
Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.
Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.
Со Грција, пак, во 2018 беше потпишан Преспанскиот договор со Република Грција по што земјава направи уставни зимени и го промени името.
Треба ли да се користи воопшто терминот „северномакедонски“ според Преспанскиот договор?
Но, со овој Договор за промена на името, не е предидена употребата на терминот „северномакедонски“. За тоа, по стапувањето на сила на Договорот, и Министерството за надворешни работи на Северна Македонија издаде прирачник со појаснувања.
Според него, кога станува збор за државата, нејзините органи, јавни и приватни институции финансирани од државата се користи терминот „од Северна Македонија“ или „од Република Северна Македонија“. Ваков е случајот и со изјавата на новата бугарска министерка. Наместо „северномакедонски партнери“ или „северномакедонски министер“, треба да се употреби „министерот на Северна Македонија“.
Придавката „македонски“, пак, како што своевремено појасни и МНР, согласно Преспанскиот договор, треба да се користи кога се поврзува со етничкиот и културниот идентитет на народот, нашиот јазик, историја, култура, наследство, територија и други атрибути. Како на пример, македонски идентитет, македонски јазик, македонски народ, македонска историја, македонски планини итн.


