Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата со мнозинство гласови го усвои предлогот, Катерина Зајковска да биде избрана за член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Претседателот на Комисијата, Ѓорѓија Сајкоски појасни дека Зајковска е дипломиран економист и магистер по сметководство, финансии и ревизија од Скопје. Од петте кандидати кои ги исполнувале условите и учествувале на интервјуата, таа освоила најмногу, односно 90,67 бодови.
Пратеникот Љупчо Николовски смета дека за член на ДКСК требало да биде предложена второрангираната, Милка Муратовска, која немала ниту еден еден процент разлика од прворангираната и била со специјализирано образование во делот на антикорупцијата.
Зајковска всушност, би дошла на местото на Цвета Ристовска која во февруари годинава поднесе оставка од Антикорупциската комисија, откако за неа беа отворени два предмета – за проверка на судир на интереси и за непријавување имот.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста. Во сите ситуации во моето работење во Комисијата во кои постоеше можност за потенцијален судир на интереси барав изземање, согласно законот. Никогаш немав намера да прикријам информација, напротив ги почитував законските обврски“, наведе Ристовска во оставката што ја достави до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
ДКСК ги отвори предметите за Ристовска затоа што не ги пријавила фирмите на нејзините деца во нејзиниот анкетен лист, а фирма на еден од синовите добивала пари во кампањата за претседателските избори во 2024 година.


