Прогресивна Бугарија (ПБ), партијата на новиот бугарски премиер Румен Радев, поднесе измени во два закони до Народното собрание кои имаат за цел да „исчистат сите нефер трговски практики“. Еден е Законот за заштита на конкуренцијата, а другиот – во Законот за заштита на потрошувачите.
Ограничување на зголемувањето на цените беше прогласено за приоритет за Прогресивна Бугарија и пред партијата да победи на парламентарните избори во Бугарија на 19 април, по што доби мнозинство во парламентот и формираше влада.
Ако бидат прифатени измените, претходните 13 видови нефер практики што се наоѓаат на „црна листа“ во Законот за заштита на конкуренцијата ќе станат 33.
„Се воведува концептот на докажување на претерано висока цена“, рече пратеникот Јавор Гечев, кој ги претстави измените.
Односно, тоа е концептот на „фер цена“ – таа не претставува ниту цврста горна граница на цената, ниту цврста горна граница на маржата. Ќе ја формира Министерството за економија и ќе се прикажува секојдневно.
Целта на измените е да доведат до значителна контрола на шпекулативните процеси во потрошувачката на мало.
Предвиден е и таканаречен „регистар на следливост“, што влијае на трговијата на големо. Според Гечев, регистарот ќе го документира производството низ целиот синџир, но тоа нема да им наметне никаков дополнителен товар на трговците.
Исто така, планирано е големите трговски синџири со промет од над 10 милиони евра да продолжат да даваат информации за цените на производите.
Откако на 7 мај го доби мандатот за нова влада, Радев вети дека ќе ги намали цените и ќе ја врати стабилноста во Бугарија.
„Прогресивна Бугарија“ освои 44,6% од гласовите на парламентарните избори на 19 април, со што доби мнозинство места во парламентот со 240 пратенички места.


