Во Основниот кривичен суд Скопје денеска (11 мај) почна судскиот процес против 13 полициски службеници обвинети во предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а 223 беа повредени.
На денешното рочиште обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, а Обвинителството оцени дека полициските службеници со пропусти во постапувањето придонеле за настанување на трагичните последици.
Судскиот совет, со кој претседаваа судијките Фанка Јанчулева-Михаиловска и Лидија Петровска, го одби барањето за изземање на судијката Петровска поради роднински врски со сопругата на еден од адвокатите на оштетените оценувајќи дека станува збор за подалечно сродство, без интензивна комуникација.
На подготвителното рочиште одбраната достави дополнителни докази и побара постапката да се одложи се’ додека да заврши главниот предмет што се води за пожарот во „Пулс“, со образложение дека станува збор за суштинско претходно прашање. Судот го одби предлогот.
Во текот на расправата судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска оцени дека одбраната не дала конкретен одговор што точно е спорно во обвинението.
Обвинителката Спасенка Андонова во воведното излагање наведе дека Обвинителството спровело обемна истражна постапка и обезбедило многубројни материјални и вербални докази.
Според Обвинителството, обвинетите Марија Маневска и Томо Донев изготвиле план за акциска контрола, без да ги опфатат сите проверки што биле во надлежност на МВР и без соодветна процена на ризик, а раководните лица Дејан Салтировски и Ванчо Ѓоргиевски не го потпишале и одобриле планот навреме, туку тоа било сторено по трагичниот настан.
Обвинителството тврди и дека полициските службеници што биле во „Пулс“ не презеле мерки за спречување на употребата на пиротехничките средства, иако можеле да ги забележат на сцената.
Сите 13 обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и дека сториле сѐ што можеле.
Во воведниот збор на одбраната беше оценето дека обвинението е контрадикторно и дека не постои причинско-последична врска меѓу постапувањето на обвинетите и пожарот, како и дека полициските службеници постапувале според вообичаен акциски план и дека не можеле да знаат дека ќе биде употребена пиротехника.
Според наводите во предметот, на 16 март обвинетите биле дежурни, но истовремено биле и ангажирани во дискотеката. На критичната ноќ кога избувнал пожарот, полициските службеници ниту ја прекинале забавата ниту спречиле активирање на пиротехниката.
Минатата недела Кривичниот суд ги прогласи за виновни тројцата полициски службеници – Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков во врска со минатогодишниот пожар во „Пулс“. Командирот на полициската станица во Кочани, Александар Темелков, доби условна казна затвор од две години, додека полицајците Кире Богатинов и Горан Лазаров се осудени на условни казни од по една година.


