Прва пресуда за „Пулс“: Условни казни за тројца полицајци

Објавено:

Тројца полицајци обвинети во еден од случаите поврзани со нелегалното работење на дискотеката „Пулс“ во Кочани, добија условни казни затвор.

Пресуда денеска, 5 мај, беше изречена во Основниот кривичен суд Скопје за Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков. Ниту еден од нив не присуствуваше на објавата на пресудата.

Условните казни се од една односно две години затвор кои нема да се извршат ако во следните три односно четири години не направат друго кривично дело, јавува МТВ.

Ова е прва пресуда поврзана со дискотеката „Пулс“ каде во пожар на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

За работењето на кочанската дискотека се гонат 23 полицајци, опфатени во три предмети. Двајца се обвинети во два предмети. Останатите два случаи со по 9 односно 13 обвинети се во судска постапка, во почетна фаза.

Тројцата полицајци за кои денеска беше изречена пресуда, се гонат за нивното постапување во периодот од 7 октомври 2023 до 7 февруари 2024. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) тврди дека тие не постапиле во целост по анекс-плановите за акциски контроли во „Пулс“ и во записниците што ги правеле за прекршоците за нарушување на јавниот ред и мир внесувале неточни податоци за правното лице. Се поведувале прекршочни постапки за фирма што не била активна.

За пожарот во „Пулс“, се води уште еден судски процес кој не е поврзан со полицајците. Станува збор за најобемниот предмет за оваа трагедија во кој се обвинети 35 лица и три фирми. Меѓу обвинетите се сопствениците на дискотеката, но и поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници.

Анализата на Колегиум.мк за судските случаи можете да ја прочитате ТУКА.