Ќе се изрече првата пресуда за дискотеката „Пулс“ во Кочани

Објавено:

Тројца полицајци ќе бидат првите обвинети што од судот ќе слушнат дали се виновни или не, во врска со нивните постапувања за дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Станува збор за тројца од вкупно 23 полицајци опфатени со три обвиненија што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ги поднесе поврзани со нивните службени постапувања за кочанската дискотека.

Во останатите два предмети обвинети се по девет односно 13 полицајци. Двајца се опфатени со две обвиненија. Овие судски постапки се во почетна фаза.

Тие беа покренати по најголемата трагедија што се случила во поновата историја на Македонија, кога во пожар во дискотеката на 16 март 2025 загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Тројцата полицајци што денеска, 5 мај, треба да ја слушнат пресудата од Основниот кривичен суд Скопје, се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Во завршите зборови, од ОЈО ГОКК бараа осудителна пресуда бидејќи смета дека се докажале пропустите, додека одбраната истакна дека очекува слобода бидејќи не се докажало кривичното дело и тезата на обвинителството.

За што се гонат тројцата полицајци?

Конкретно, тројцата полицајци се гонат за нивното постапување во периодот од 7 октомври 2023 до 7 февруари 2024. ОЈО ГОКК тврди дека тие не постапиле во целост по анекс-плановите за акциски контроли во „Пулс“ и во записниците што ги правеле за прекршоците за нарушување на јавниот ред и мир внесувале неточни податоци за правното лице.

Конкретно, според обвинителството, двајца од полицајците изготвувале барања за прекрошочни постапки против неактивната фирма „Класик“ и против лице кое всушност не било одговорно, наместо против вистинската активна фирма „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани, подружница „Кабаре Пулс“. Обвинителката Спасенка Андонова рече дека полицајците прифатиле усни претставувања од лице што не било соодветно легитимирано и не побарале потребна документација.

Третиот обвинет, како претпоставен, при одобрување на барањата за прекршочна постапка не ја проверил целокупната документација туку ги потпишувал прекршочните пријави и ги доставувал до судот.

Со вакво постапување, според ОЈО ГОКК, била овозможена имотна корист за фирмата „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани.

Одбрана и обвинетите, пак, тврдат дека постапувале согласно закон и во рамки на нивните надлежности.

Според одбраната, во случајот не може да станува збор за неизвршување службена должност бидејќи обвинетите „не можеле да прекршат обврска што не постои, како, на пример, барање лиценца, која не била во нивна надлежност“. Полицијата, тврдеа адвокатите, нема надлежност да бара или контролира лиценци за работа што ги издава Министерството за економија и треба да ги контролира Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

Другите два предмета за полицајци се далеку од пресуда

Останатите два судски предмети во кои се опфатени полицајци се далеку од пресуда. За сите три предмети обвиненија односно обвинителни акти беа поднесени на 30 јануари 2026.

За утре, 6 мај, е закажано подготвително рочиште за предметот со 13-те обвинети полицајци. Тоа беше предвидено за 1 април, но се одложи бидејќи, меѓу другото, еден од адвокатите беше зафатен со рочиште во предметот со 35 обвинети физички лица и три фирми, кој е приоритетен бидејќи дел од лицата се наоѓаат во притвор.

Предметот со 13 полицајци се однесува на (не)постапувањето кобната вечер кога се случи пожарот помеѓу 15 и 16 март 2025 година.

„Во периодот од 14 до 16 март 2025 година обвинетите полициски службеници одобриле и спровеле план за акциска контрола на угостителски објекти без целосна проверка дали се испочитувани законските прописи и безбедносните процедури. При контролата во кабарето не биле преземени соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту било спречено користење на непријавена пиротехничка опрема, што довело до настанување на пожарот“, наведе ОЈО ГОКК при поднесување на обвинението.

Предметот со деветмина обвинети, пак, започна 24 април, но се одложи бидејќи одбраната бараше дополнително време за обезбедување докази, декласификација на материјали и изработка на вештачење. Следно рочиште е закажано за 1 јуни.

Во овој случај полицајците се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања бидејќи обвинителството тврди дека со пропуштање на службените обврски било овозможено дискотеката да добие лиценца за работа во 2022 и 2023 година.

Истрагите во трите предмети со полицајците, а потоа и обвинението ги водеше и поднесе обвинителката Ивана Алексова-Трајчева, но откако Советот на јавни обвинители не и го продолжи мандатот во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, нив ги презеде нејзината колешка Спасенка Андонова.

Родители на жртвите преку јавни реакции бараа Алексова-Трајчева да продолжи да ги води случаите, додека од обвинителството, на чело со новиот државен обвинител Ненад Савески, уверуваа дека предметите нема да стагнираат.

Во најобемниот предмет се презентираат докази на обвинителството

Додека за овие случаи надлежно е Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, каде постои Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Кочани е застапник на најобемниот предмет поврзан со пожарот во „Пулс“.

Во него обвинети се 35 лица и три фирми. Во судскиот процес досега беа сослушани сведоците на обвинителството и е во фаза на изведување материјали докази. Потоа, ќе следуваат сведоци и докази предложени од одбраната.

Судењето започна на 19 ноември 2025 година, меѓу обвинетите се сопствениците на дискотеката, но и поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници. На сите ќе им се суди за исто кривично дело – „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.

Покрај овие, во моментов има уште еден активен предмет поврзано со „Пулс“, но тој сè уште е во фаза на истрага. Меѓу десетината осомничени во него се и инспектори од УЈП.