Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани и натаму бараат одговори за причините за смртта на нивните деца, додека институциите најавуваат дополнителни објаснувања и анализи.
И по една година по пожарот во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа 63 млади луѓе, семејствата велат дека сè уште немаат јасна слика за тоа што точно ги предизвикало смртните исходи.
Дел од родителите на загинатите во пожарот, бараа средба со раководителоте на Институтот за судска медицина во Скопје, во потрага по конкретни информации за обдукциските наоди и евентуалните токсиколошки анализи. Тие тврдат дека уште во јануари доставиле официјално барање за да добијат податоци дали се испитувало присуство на токсични материи, вклучително и цијанид, но одговор не добиле.
Официјалната истрага тврдеше дека жртвите починале од задушување со јаглерод моноксид. Но обдукциските извештаи покажаа дека кај ниту една жртва нема фатални нивоа на CO, покажа истражувањето на Истражувачката репортеска лабараторија ИРЛ. Според информациите кои ги објави ИРЛ дел од обдукциските наоду укажуваат дека јаглерод мононкси не е клучниот елемент кој довел до смртни последици. Во „Пулс“ горел полиуретански сунѓер кој ослободува цијанид – смртоносен гас. Но во истрагата не било испитано присуството на цијанид во крвта на жртвите.
Родителите на загинатите млади луѓе изјавија дека институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, додека нивните семејства остануваат без клучни информации за последните часови од животот на нивните најблиски.
„Побаравме јасен и недвосмислен одговор, дали биле извршени токсиколошки анализи, дали било испитувано присуство на цијаниди и што точно покажуваат анализите. Поминаа два месеци од барањето, но одговор нема“, изјави на последниот протест Александар Наунов, татко на загинатата Надица.
По средбата со директорот на Институтот Наумов изјави дека добиле уверување дека се направени сите потребни токсиколошки анализи и се било предадено во Обвинителството.
„Директорот ни кажа дека се направени сите токсиколошки анализи. Ни објасни дека не може тој да ни ги каже резултатите бидејќи според Закон вештаците ќе треба да се изјаснат пред судот – рече Александар Наунов, претседател на Здружените на граѓани 16 март 2025 и татко на починатата Надица Наунова.
По, средбата родителите заминаа кон суднцата во затворот Идризово каде што денеска треба да се оддржи ново судско рочишта. Дополнително, родителите најавија нови протести доколку не добијат во краток рок официјални резултати.
Станков: Сè ќе биде јавно на суд
Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, по средбата изјави дека сè што било побарано од Институтот по трагичниот настан е навремено и целосно изработено.
„Доказите ќе бидат јавно презентирани во текот на судската постапка. Мислам дека родителите подобро ја разбраа природата на нашата работа и законските ограничувања во кои функционираме“, рече Станков.
Во меѓувреме, во судот продолжува постапката, при што на денешното рочиште сведочеа преживеани од трагедијата.
Дел од сведоците пред судот опишаа хаос и стампедо, наведувајќи дека пожарот се раширил за помалку од 30 секунди. Според нивните изјави во судницата, во дискотеката вечерта имало околу 600 до 700 присутни гости. Тие посочија дека во нивна близина не забележале ниту противпожарни апарати, ниту хидранти, освен стрелките кон единствениот излез.
Пожарот избувна во кочанската дискотека „Пулс“ ноќта на 16 март 2025. Во тек е судски процес за утврдување на одговорните за несреќата. Во пожарот беа повредени над 200 млади луѓе. Многу од повредените, според лекарите во кочанската болница и натаму долго ќе се лекуваат и допрва треба да поминат низ нови хируршки интервенции
За пожарот во „Пулс“, обвинение е поднесено против 35 лица и три фирми. Меѓу нив се поранешни министри за економија, поранешни градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници. Судскиот процес е во тек, неделно во просек се одржуваат по две рочишта, а моменталната фаза во која се наоѓа е сослушување на сведоци предложени од обвинителството.
Покрај овој процес, на почетокот на март, започнаа и два судски процес против полицајци за нивните (не)постапувања. Исто така, изминатите месеци беше спроведена и акција во која како осомничени беа приведени и инспектори од Управата за јавни приходи.
Кога избувна пожарот во „Пулс“, во објектот имало повеќе од дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.


