(ВИДЕО) Седум месеци по пожарот во Трубарево: Отпадот нерасчистен, жителите дишат последици

Објавено:

  • Локацијата околу изгорените објекти за електронски отпад не е целосно расчистена.
  • Жители со кои разговараше Колегиум.мк се жалат на мирис на изгорено наутро, на гушење и на тешко дишење.
  • Ланскиот род го фрлиле, сега ретко кој сади во градините.
  • Луѓето кои живеат околу локацијата покажуваат изразена недоверба кон институциите.

Автори: Сунчица Стојановска Зоксимовска, Владимир Калински

Купови стари компјутери, фрижидери, батерии и сега се расфрлани на локацијата во скопското село Трубарево, каде на 13 септември лани во голем пожар изгореа двата објекти на „Ф групација“, компанија за управување електронски отпад.  

По истрагата за големиот пожар, кој се гледаше од цело Скопје, беа приведени четири лица. Мерењата што ги направија Министерството за животна средина и Институтот за јавно здравје беа различни, но утврдија значително надминување на дозволените граници на ПМ10 честички, а беа измерени и високи концентрации на тешки метали – олово, кадмиум и арсен. Мерења направи и Армијата која ги достави до Јавното обвинитество.

Но, речиси седум месеци по пожарот, Обвинителството не открива никакви детали за текот на истрагата. На прашањата на редакцијата – од тоа каков отпад горел, дали се испитува евентуална одговорност на институциите и дали има пречки во постапката, одговорија само дека не можат да дадат информации бидејќи истрагата сè уште е во тек.

„За сите овие прашања во моментов не можат да се споделат детали бидејќи истрагата е во тек“, кусо ни одговорија од прес-службата на Обвинителството.

Otpad na lokacijata na izgorenite objekti vo TRubarevo

Колегиум.мк ја посети локацијата на која функционираат уште две фирми, неповрзани со „Ф групација“. Оградата што претходно го ограничувала просторот е турната од багерите што затрупуваа со земја по 15 часа битка со огнот. Влезот сега е слободен. Околу 80 отсто од дворот беше покриен со земја при гасењето на пожарот. Но, р’ѓосан електронски отпад уште стои насекаде околу изгорените објекти. Никој не го дислоцирал.

На стотина метри оттука се првите куќи.

„Ќе се разболиме сите“

И сега, речиси седум месеци подоцна, жители на Трубарево уште ги чувствуваат последиците – сите со кои разговаравме се жалат на мирис на изгорено наутро, а некои и на тешкотии со дишењето што не поминале и покрај терапиите.

„Ова е катастрофа.. наутро кога ќе станам, излегувам на врата, ми удира еден мирис на изгорено. Невидено…и се оболев на гради, откако се запали тоа. Ова треба да се исцрпи, сè што го донесоа тоа ѓубре тука и да се стави нов слој. Инаку, народот ќе се разболи, ќе испоумреме како стока“, вели Јовица Станковски, жител на Трубарево.

Lidija Todorovska, zitelka na Trubarevo

Лидија Тодоровска е жената која неколку дена беше хоспитализирана на Клиниката за токсикологија, за што тогаш извести и Министерството за здравство. Таа за „Колегиум.мк“ вели дека и денес тешко дише, иако со месеци прима лекови.

Вечерта по пожарот, дошле полицајци со гас маски и на жителите на околните улици им рекле итно да го напуштат местото.

Тодоровска ги почувствувала првите последици уште пред да тргне.  

„За тоа време, додека се спремав јас, почна да ме гребе грлото. По пат почнав да кашлам. До Автокоманда само кашлав, од Автокоманда натаму почна да ме гуши. На Клиника отидов, на токсикологија, под итно со кислород ме примија. Два дена лежев таму. И после тоа си ги имав проблемите, бев и на Клиника за пулмологија. Сега, цело време чувствувам како да имам нешто во нос. Отидов на Клиника за уво, нос и грло, имам некои наслаги“, вели Тодоровска за Колегиум.мк.

Откако излегла од болница, еден месец била на боледување и уште е на терапија.

Борче Јанковски, жител на улицата „20“ која е веднаш наспроти изгореното складиште исто така рече дека и денес има последици по здравјето.

„Мене ме удира на дишните патишта. И суво ми е грлото. Имаше луѓе тука многу што беа во болница, а молчат, не се искажуваат. А ги видов таму. Сум видел можеби над 50“, вели Јанковски за Колегиум.мк.

Неговата сопруга била во болница три дена. Сега има гушење и проблеми со дишењето, според Јанковски.

Што сè можело да гори во погонот?

Колегиум.мк имаше увид во Елаборатот за заштита на животната средина изработен во 2021 година за погонот на „Ф-Групација“ во Трубарево. Според Елаборатот, во двата поставени објекти на фирмата потенцијално можело да се складираат и третираат до околу 2.700 тони отпад годишно.

Документот покажува дека на локацијата фирмата можела да третира до 2.500 тони отпад, меѓу другото – бакар, алуминиум, железо, челик, олово и кабли што содржат масла и опасни супстанци, а исто така, стакло, пластика и дрво што содржат или се загадени со опасни супстанци.

Можело, според документот, да се третираат и околу 200 тони годишно електронски и електричен отпад и батерии, како и монитори, телевизори, ИТ-опрема, оловни акумулатори и никел-кадмиумски батерии, батерии што содржат жива, опрема што содржи слободен азбест или ПХБ – хемикалии кои се користеле во трансформатори, кондензатори и друга електрична опрема.

Во помали количини Елаборатот предвидува и третирање и складирање на пластика, амбалажа, тонер касети и друг отпад, а можело да се обработува и комунален отпад во количина од 22 тони годишно.

Инсталацијата било предвидено да се наоѓа во зона на лесна и незагадувачка индустрија (Г2, Г3 и Г4), на околу 300 метри оддалеченост од населените куќи.

Според овој документ, отпадот можело да биде преземан од различни индустриски капацитети, државни институции, хотели и трговски претпријатија, како и од собирни пуктови и акции. Фирмата имала дозвола само да постапува и привремено да го складира отпадот и потоа да го предава на други други фирми со кои склучила такви договори.

При прием на отпадот во објектите на „Ф-Групација“, тој најпрво требало да биде измерен, а потоа да биде селектиран и распределен во посебни боксoви за десет категории отпад, вклучително и опасен отпад. Секој вид отпад требало да биде означен со соодветните шифри од официјалната листа видови отпад од електрична и електронска опрема.

За опасните компоненти, според елаборатот, биле предвидени специјални контејнери со заштита од излевање, кои требало да се користат и за складирање на оловни акумулатори. Отпадните преносни батерии требало да се чуваат во посебно обележани контејнери.

Додека јавноста сè уште чека Обвинителството да утврди каков вид и колкава количина отпад изгоре во пожарот на 13 септември 2025 година, мерењата на Министерството за животна средина направени на 13 и 14 септември 2025 година покажале значително загадување на воздухот и зголемени концентрации на тешки метали.

Анализите покажале дека било загадено со оловото, со измерени 0,75 микрограми (над границата од 0,5), а загадувањето со кадмиум било 59,1 нанограм – повеќе од десет пати над дозволените 5. Арсенот бил 8,9 нанограми при граница од 6. Единствено никелот бил во дозволени рамки, со 6,4 нанограми на метар кубен, при лимит од 20.

Била измерена концентрација на ПМ10 честички од 92,6 микрограми на метар кубен, што е речиси двојно над дозволената граница од 50.

Ланските зелка и пиперки ги фрлиле, годинава ретко кој сади  

Живка Тодоровска, жителка на улицата кај изгорените објекти, вели дека лани го фрлиле зеленчукот што го имале во дворот. Годинава ништо не саделе.  

Zivka Todorovska, zitelka na Trubarevo

Друга жителка на Трубарево вели дека фрлиле се што имале во двор – пипер закачен да се суши за во зима, компир, кромид…  

„Киви имаме, имаме јапонско јаболко во двор, ништо не сме каснале од есенскиот род“, вели таа.

„Сѐ фрлив. Сѐ од корен искорнав, се фрлив. Сега не насадив ништо, празно е“, вели и Јанковски покажувајќи ја фолијата во која претходно имал зеленчук.

trubarevo-folija

Семејството на Вера Шкоркоска, пак, во лабораторија на свој трошок ги испитале пиперот и зелката. Платиле по 6.000 денари за испитување на еден производ.

„Резултатите беа добри. Но пиперот не го искористивме, страв ни беше. Не сме задоволни од државата – да дојдеа, да испитаа, ако не во секој двор, барем на одредено растојание. Да ни кажеше некој што смееме да јадеме…вели Шкоркоска.

Уште едно мерење беше направено по пожарот во Трубарево од страна на Министерството за здравство. Оваа институција на 16 септември соопшти дека во примероците од вода и почва не се откриени тешки метали ниту радиоактивност.

Анализите на Институтот за јавно здравје опфатиле 16 тешки метали и покажале вредности во рамки на референтните граници, со мало зголемување на бакар и цинк само во површинскиот слој на почвата каде што гореле литиумски батерии.

Дополнителни мерења направи и акредитираната лабораторија АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, но во периодот од 14 до 18 септември, односно откако беше изгаснат пожарот. Овие анализи покажале концентрации на PM10 честичките меѓу 36 и 44 микрограми на метар кубен, што е под законската граница од 50. Во резултатите не биле посочени зголемени концентрации на тешки метали во воздухот, а измерените елементи биле во рамки на вредностите вообичаени за урбана средина.

По пожарот, Јавното обвинителство отвори истражна постапка против четири физички и едно правно лице за кривично дело „Загрозување на животната средина и природата со отпад“. На четирите лица им беше определен притвор.

Истрагата на Обвинителството уште трае.