„Кој кого штитеше и зошто не се постапуваше навреме?“, прашаа родители и најблиските на жртвите од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ марширајќи низ улиците на Штип.
Оваа сабота, 18 април, тие по 41. пат организираа „Марш на ангелите“, но наместо како вообичаено во Кочани, сега маршираа во Штип, градот од каде потекнуваат неколку од жртвите.
Прашањето за тоа кој кого штител, во име на родителите го упати Александар Наунов, татко на загинатата Надица, во говор пред Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип. Тоа е прашање, рече тој, на кое долго време тие чекаат одговор потсетувајќи дека според обвинението за трагедијата, планот за акциска контрола во „Пулс“ не бил потпишан и одобрен навреме.
И на овој марш, родителите и најблиските носеа транспаренти со пораки за правда, како и фотографии од жртвите.
„Чекориме бидејќи не прифаќаме молк, затоа што нашите деца заслужуваат правда. Чекориме бидејќи вистината мора да излезе на виделина и одговорност мора да има“, рече Наталија Таневска, мајка на загинатиот Дамјан од Штип.
Маршот низ штипските улици започна од плоштадот „Слобода“ од каде учесниците поминаа и пред зградите на Основниот и Апелацискиот суд, како и пред штипското обвинителство.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи ноќта помеѓу 15 и 16 март 2025 година. Во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Истрагата утврди низа системски пропусти за работењето на дискотеката на диво. Во најголемиот судски процес што беше покренат за трагедијата, обвинети се 35 лица и три фирми. Судењето започна на 19 ноември 2025 година и во моментов е во фаза на сослушување сведоци.
Меѓу обвинетите се сопствениците на дискотеката, но и поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници. На сите ќе им се суди за исто кривично дело – „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.
Покрај овој, беа започнат и судски предмети за непостапување на полицајците, а има и истрага во која се опфатени и лица од Управата за јавни приходи (УЈП).


