Александар Карадаковски, една од жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, бил поставен за управител на фирмата на газдите, бидејќи газдата Деко го замолил зашто „немал кого да постави, а за да не му пропадне лиценцата“.
Ова го кажал Александар на неговиот татко Наско Карадаковски, кој денеска, 5 април, беше единствениот сведок во судницата на рочиште за пожарот што се случи на 16 март 2025 г.
Таткото раскажа дека неговиот син бил пријател со Михајло, синот на Дејан Јованов – Деко, двајцата меѓу обвинетите во случајот. Покрај, „Пулс“, сопствениците имаа и кафуле во центарот на Кочани, „Класик“ во коешто, според денешното сведочење, работел загинатиот Александар кој бил поставен за управител на една од фирмите.
Таткото посочи дека на почеток не знаел оти син му бил управител на фирма и дознал кога Александар се повредил, а немал здравствено осигурување.
„Го прашав Александар, ми рече нема покриено здравство. Јас му реков, тогаш пријави се во Бирото за вработување, барем ќе имаш здравствено, и тогаш тој ми кажа дека не може зашто е управител“, сведочеше таткото.
Тој сведочеше дека барал син му да разговара со газдата Деко за да го средат тоа.
„Јас му вршев голем притисок, дури не сакаше да зборува за тоа и се нервираше многу, зошто беше свесен дека може да има големи давачки и долгови кон доверители и фирми“, рече сведокот.
Синот, според сведочењето на таткото, никогаш не се пожалил дека имал проблеми со контроли и даночни пријави.
Таткото на Александар сведочеше на предлог на обвинителството. Прашања кон него упатуваа и дел од адвокатите на обвинетите. Меѓу нив, беше и дали Александар работел во фирма на Деко или Михајло, на што таткото посочи дека син му рекол оти работи кај Михајло и тој не знае кој е сопственик на фирмата.
Еден од адвокатите реагираше и дека сведочењето не придонело ништо кон кривично-правниот настан.
Александар Карадаковски е еден од 63-те жртви во пожарот во „Пулс“. Над 200 лица беа повредени.
Во судскиот процес обвинети се 35 лица и три фирми. Судењето започна на 19 ноември 2025 година. Покрај сопствениците на дискотеката, на обвинителна клупа седат и поранешни министри за економија, бивши градоначалници на Кочани, инспектори и други службеници.
На сите ќе им се суди за исто кривично дело – „предизвикување на тешки дела против општата сигурност“.
Ова е најголемиот, но не и единствениот судски процес поврзан со трагедијата во Кочани. Во тек се и два против полицајци за нивните (не)постапувања, а има и истрага во која се опфатени инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП).
Родителите и најблиските на жртвите и повредени, повеќе од една година, секоја сабота во Кочани организираат „Марш за ангелите“ барајќи правда за најголемата трагедија во поновата историја на државата.


