Бранителката на Дејан Јованов-Деко, првообвинет за пожарот во „Пулс“ во Кочани, адвокатката Ивана Коцевска, реагира на изнесените директни закани за неговиот живот на минатото рочиште и бараше тоа да биде нотирано во записник.
На минатото рочиште, некои од оштетените, додека одбраната на првообвинетиот пред судот изнесуваше барање за укинување на притворот, реагираа бурно извикувајќи „пуштете го ние да му пресудиме“.
Коцевска, пред почетокот на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63, а повредени беа над 200 лица, реагира и на, како што рече, „селективноста на мерките за обезбедување присуство, како и селективноста на прогон“ на Обвинителството, кое, како што рече, по службена должност требало да поведе постапка по изнесените закани за животот.
„Изнесувам предлог за крајно неопходно исклучување на јавноста со оглед дека судот е должен да обезбеди ред и заштита на правата на обвинетите“, рече Коцевска.
Судијката Дијана Груевска-Илиевска нагласи дека досега ниедна закана не е нотирана во записник, без разлика од која страна е.
„Првин ќе се опоменува, потоа ќе се исклучува и казнува. Се знае кога се исклучува јавноста, а тие во овој период не се јавност, туку оштетени во постапката. Ако има потреба, може индивидуално да се исклучува“, кажа судијката.
Одбраната на Јане Јанчевски и Мартин Георгиев на почетокот исто така изнесе барање за укинување на мерката куќен притвор посочувајќи дека повеќе не опстојуваат причините за неговото определување.
Денешната расправа продолжува со сослушување на директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.
Обвинителството на минатото рочиште ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите, како и медицинска документација и податоци за повредените, кои се јавиле за укажување медицинска помош по пожарот.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.


