Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ја запре истрагата за набавките на мазут за потребите на Термоелектраната – ТЕЦ Неготино. Објаснувањето е дека од доказите не се утврдило дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар ниту, пак, дека сториле некое друго кривично дело што се гони по службена должност.
Под истрага беа 13 лица и една фирма поради сомнежи за злоупотреби, незаконски договори и анекси и перење пари во постапките за набавка на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, спроведени во услови на енергетска криза во периодот 2021-2023 година.
Меѓу осомничените лица беа бизнисменот Асмир Јахоски, познат во јавноста по неговата нафтена компанија „Пуцко Петрол“, како и сопствениците на фирмата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски. Со истрагата беше опфатен и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски од СДСМ, кој е недостапен за македонските власти. Сомнежите беа дека државниот буџет бил оштетен за 167,5 милиони евра.
Но, според ОЈО ГОКК, истрагата покажала дека постапките за набавка на мазут биле спроведени транспарентно.
„ЕСМ имало за цел да ги вклучи сите оператори што имале лиценци за трговија со мазут во интерес на побрзо испорачување на мазутот, при што биле контактирани сите економски оператори кои поседувале лиценца и тоа во дел од јавните повици со известување биле повикани да учествуваат, а во дел јавните повици биле објавени и во дневни весници. Од исказите на претставници на економски оператори произлезе дека дел од компаниите не учествувале во постапките поради деловни и економски проценки, односно поради високите количини, потребните банкарски гаранции и ризиците поврзани со тогашната состојба на енергетските пазари“, велат од ОЈО ГОКК.
Кога е во прашање динамиката на испорака, обвинителството тврди мазутот бил континуирано и навремено испорачан согласно потребите на термоелектраната и во ниту еден момент не бил доведен во прашање процесот на производство на електрична енергија.
Оттаму нагласуваат дека во критичниот период кога беше енергетската криза, во земјава немало рестрикции за снабдувањето со струја, а производството во ТЕЦ Неготино овозможило да се обезбеди електрична енергија по значително пониски цени од тие што биле на слободниот пазар.
„Во постапката не е утврдено ниту дека со склучените договори и анекси била предизвикана штета на АД ЕСМ или на Буџетот на државата. Напротив, од доказите произлезе дека измените на годишниот план за јавни набавки и склучувањето на анексите се спроведени со одлуки на надлежните органи на АД ЕСМ, со одлуки на Управен одбор, а потврдени со одлуки на Надзорниот одбор на ЕСМ, со цел обезбедување доволни количини мазут за непречено функционирање на ТЕЦ Неготино“, велат од ОЈО ГОКК.
Оттука, обвинителството не утврдило дека има перење пари односно дека сите пари исплатени по основ на договорите не се противзаконско стекнати од страна на лицата што беа осомничени.
Истрагата започна во март 2025 година.
Дел од осомничените првично беа во притвор, а потоа со гаранција излегоа да се бранат од слобода.
Васко Ковачевски, пак, е во бегство уште пред отворањето на оваа истрага бидејќи надлежните го гонат за злоупотреби во ЕСМ во случајот „Адитив“. Од крајот на 2024 година, за него е распишана и меѓународна потерница.


