Израелски власти донесоа нов закон кој овозможува изрекување смртна казна и спроведување јавни судења за лицата поврзани со нападот од Хамас – прогласен за терористичка организација од ЕУ и САД, во октомври 2023 година.
Законот беше усвоен во парламентот со 93 гласа „за“ и 0 „против“, поддржан и од владини и опозициски политичари.
Останатите 27 пратеници беа отсутни или воздржани.
„Нека сите видат како жртвите и нивните семејства гледаат во очите на тие убијци, силувачи и киднапери. Нека сите видат како државата Израел е суверена држава која знае како да ги повика на одговорност оние што ѝ наштетиле“, изјави Јулија Малиновски, една од коспонзорите на законот, на прес-конференција пред гласањето во парламентот, пренесе Би-би-си.
Израелските групи за човекови права се изјаснија против новиот закон, спротивставувајќи се на принципот на смртна казна.
7 октомври 2023 година беше најсмртоносниот ден во историјата на Израел. Припадниците на Хамас убија над 1.200 луѓе во јужен Израел, претежно цивили. Уште 251 беа киднапирани и држени во заробеништво во Појасот Газа, вклучувајќи мажи, жени, деца и странски државјани.
Овој напад ја предизвика најсмртоносната војна досега во Газа. Во нападите што потоа ги извржи Израел, според Министерството за здравство, контролирано од Хамас, во војната досега се убиени над 72 илјади луѓе, меѓу кои деца, жени и стари лица.
Претходно во март, израелските пратеници изгласаа Закон за смртна казна за терористи кој ги таргетира Палестинците осудени за терористички дела. Но, тој не е ретроактивен. Ова значеше дека е потребна нова законска рамка која ќе ги опфати оние за кои се тврди дека го извршиле нападот во октомври 2023 година, посочува Би-би-си.
Политичарите во Израел го поддржаа новиот закон велејќи дека тој ќе овозможи судење од историско значење и ги споредија идните јавни судења со судењето на нацистичкиот воен злосторник Адолф Ајхман. Ајхман, кој важи за архитект на еврејскиот холокауст, беше осуден и обесен во 1962 година.
Новиот закон создава посебна правна рамка за гонење на лицата обвинети за директна вмешаност во нападите, вклучувајќи ги и членовите на единицата на специјалните сили Нукба од Бригадите Ал-Касам, военото крило на Хамас, кои беа заробени во Израел.
Се очекува тие да се соочат со обвиненија поврзани со кривични дела како тероризам и убиство до сексуално насилство, а исто така и за геноцид – за што би можеле да бидат осудени на смртна казна.
Судењата ќе се спроведуваат пред специјален воен суд во Ерусалим. Клучните моменти од судските процеси – сослушувањата, почетокот на судењето и изрекувањето на пресудата, треба да бидат снимени и емитувани на посебна веб-страница.


