Закани со бомби во Европа, евакуирани и медиуми

Објавено:

Закани за бомби во Европа кон авиокомпании и аеродроми го нарушија редот во авиосообраќајот и ја прекинаа работата на повеќе медиумски организации во текот на неделава, иако се покажа дека заканите се лажни, јави Си-ен-ен.

Само во четвртокот, 5 ноември, најмалку 14 летови биле погодени од заканите. Меѓу нив бил авион на „Ер Лингус“ кон Рим, пренасочен во Франција, како и два лета од Шпанија и Данска што слетале во Софија.

Нови закани во петокот биле регистрирани во врска со воздушниот сообраќај на аеродромите во Копенхаген и Прага. Унгарскиот министер за одбрана соопштил дека борбени авиони придружувале три летала што пријавиле закана во унгарскиот воздушен простор.

Проверен бил и авион на КЛМ на линијата Прага–Амстердам. Холандските власти потврдиле дека во него не бил пронајден експлозив.

Поради заканите, во петокот (6 ноември), беа евакуирани и просториите на ирскиот јавен сервис РТЕ. Во пораката до РТЕ се тврдело дека експлозивна направа ќе се активира во рок од 45 минути.

Слични закани пријавиле и други медиумски организации, меѓу кои „Скај“.

Дел од пораките биле преку анонимни електронски пораки. Аеродромот во Прага добил порака со тврдење дека бомби биле поставени на четири лета, додека во Италија заканувачка порака била испратена до логистичка компанија што соработува со римскиот аеродром Фјумичино.

Сѐ уште не е познато кој стои зад бројните закани со бомби низ Европа. Европската Унија оцени дека е прерано да се утврди дали инцидентите се поврзани. Безбедносни експерти разгледуваат можност за координирана кампања за нарушување на сообраќајот и испитување на реакциите на надлежните служби, но сторителите не се официјално идентификувани.

Во некои случаи биле испратени писма со преземање одговорност во кои се споменуваат „борци на Машката држава“, крајно десничарска група од Русија. Сепак, досега не е докажана директна поврзаност меѓу таа група и заканите.