Дали Максим Димитриевски прави пат за предвремени избори?

Објавено:

ЗНАМ и Максим Димитриевски, коалициски партнер во власта, прават обид да му дадат алиби на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за предвремени парламентарни избори – вака опозициските СДСМ и Алијанса на Албанците ја толкуваат изјавата на Димитриевски дека ЗНАМ ќе излезе од Владата доколку се прифати правосудниот испит да се полага на друг јазик освен на македонски, како што бараат студенти Албанци.

ЗНАМ е коалициски партнер во Владата од 2024, кога беше изгласана новата влада на ВМРО – ДПМНЕ со Мицкоски како премиер. Димитриевски ја формира партијата откако се разиде со СДСМ пред локалните избори во 2021 година, затоа што СДСМ кандидира друг кандидат за градоначалник на Куманово. Незадоволен од одлуката, Димитриевски собра потписи, поднесе независна кандидатура и победи, по што СДСМ го исклучи од членство.

СДСМ: Димитриевски треба да ја заврши последната задача

Според СДСМ, ова е последната задача на Димитриевски и ЗНАМ откако, како што велат во партиското соопштение, пропаднала неговата платформа што му ја направил Мицкоски, по што тој го изгубил целиот кредибилитет на политичката сцена во земјава.

„Правосудниот испит сега се турка како тема за наводен судир во коалицијата. Целта е да се создаде впечаток на тензија и да се отвори пат за предвремени избори. Да не се признае дека е загрозена финансиската стабилност заради Алта банка и дека нема пари во буџетот. Максо си го наплати предавството врз партијата и врз гласачите. Сега треба да ја заврши последната задача“, соопштија од СДСМ.

Социјалдемократите велат и дека лидерот на ЗНАМ треба да одговори на прашањето зошто имал состанок со поранешниот директорот на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) и ексминистер за одбрана и внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, за кого наведуваат дека е поврзан со плантажа за марихуана во Србија и со случајот поврзан со Алта банка.

„Каква била улогата на Максим за српската БИА и за Алта банка? Дали и Максо беше еден од лобистите за Вучиќевата пералница на пари од криминал и корупција? Сега глуми заштитник на државата и на правосудството. Истиот човек што седеше на состанок со човек од БИА, околу банката што пере пари. Истиот што сега преку темата – правосуден испит, треба да му отвори пат на Мицкоски за предвремени избори, во момент кога касата се празни и аферата Алта банка ја тресе државата и граѓаните. Нема да има никакво алиби. Има прашања. И ќе има одговорност“, велат од СДСМ.

Алијанса на Албанците: „Патриот на батерии“

Реагира и Алијансата на Албанците, која го нарече Димитриевски „патриот на батерии“.

„Максим Димитриевски може да ја напушти Владата бидејќи знае дека ќе има предвремени парламентарни избори. Прашањето за правосудниот испит му е потребно за да го искористи во предизборната кампања и да ја глуми улогата на „голем патриот“. Но, големиот патриот, всушност, е патриот на батерии од Кина. Што друго би им кажал на гласачите во кампањата? Ќе го вратиме името на државата? Ќе обезбедиме бесплатен јавен превоз? Ќе го реконструираме градскиот плоштад?“, соопштија од Алијанса на Албанците.

Димитриевски синоќа во телевизиско интервју рече дека неговата партија нема да прифати полагање на правосудниот испит на друг јазик освен на македонскиот, а доколку Владата донесе поинакво решение, партијата е подготвена да ја напушти владината коалиција. Како што кажа тој, ставовите на ЗНАМ по ова прашање му се познати на премиерот Мицкоски и најави дека на следниот состанок со него ќе побара лидерска средба на која отворено би се разговарало и би се дефинирале црвените линии со коалициските партнери во однос на начинот на полагање на правосудниот испит и што тоа ќе значи за иднината на државата и за целокупниот правосуден систем.

ЗНАМ: Обид за лична и политичка дискредитација

ЗНАМ преку соопштение ги отфрли критиките од Алијансата за Албанците и СДСМ упатени кон претседателот Максим Димитриевски, оценувајќи ги како лични дисквалификации и обиди за политичка дискредитација.

Од партијата велат дека патриотизмот не се докажува со навреди, туку со конкретни одлуки и преземање одговорност. Како пример го посочуваат потегот на Димитриевски од 2017 година, кога пред локалните избори се откажал од пратеничкиот мандат за да влезе во изборната трка за градоначалник на Куманово, без да задржи резервна позиција во Собранието.

Од ЗНАМ велат дека правосудниот испит треба да се полага на македонски јазик, во согласност со Уставот и законите, и дека за ова прашање нема простор за политички пазарења. Од партијата посочуваат дека се подготвени за разговори со владините партнери, но нема да отстапат од својот став.

Во однос на евроинтеграциите, ЗНАМ повторува дека Македонија сака членство во Европската Унија, но не прифаќа еднострани отстапки кон Бугарија без реципроцитет. Партијата останува на предлогот за одложено дејство на уставните измени и бара почитување на правата на Македонците во Бугарија, како и спроведување на пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Осврнувајќи се на обвинувањата од СДСМ за наводни средби, лобирања и поврзаност со Алта банка, од ЗНАМ побараа да бидат презентирани конкретни докази, факти и документи и ако има докази за незаконско постапување, сметаат дека надлежните институции треба да постапат.

Прашањето за полагање на правосудниот испит на албански јазик стана актуелно по студентски протести во април и мај 2026 година. Студенти – Албанци побараа усогласување со Законот за употреба на јазиците, со цел да им се овозможи целиот испит да го полагаат на мајчин јазик.

Министерот за правда, Јетон Шасивари, во октомври 2026 година одржа официјални консултации и средби со деканите на правните факултети и со претставници на студентите. Тој понуди компромисен модел според кој 84% од испитот би се полагал на албански јазик. Студентите не го прифаќаат ова решение и бараат целиот испит да биде на албански јазик.

Ставот на Владата и на премиерот Мицкоски е дека доколку Законот за јазиците тоа го дозволува, треба да се најде начин, но процесот прво мора правно да се прецизира за да не се наруши уставната рамка и функционалноста на судскиот систем.