Максим Димитриевски очекува уште еден заменик-министер во Владата

Објавено:

  • Движењето ЗНАМ очекува да добие уште еден заменик-министер во Владата, но не открива во кој ресор. Како што изјави денеска претседателот на партијата, Максим Димитриевски, тоа би требало да се дефинира во текот на следниот месец.

Одговорајќи на новинарски прашања пред почетокот на настанот по повод отчетот на избраните и именувани функционери на ЗНАМ, Димитриевски рече дека односите и соработката во владината коалиција се на одлично ниво.

„За нашата политичка партија никогаш не е приоритет што ќе добиеме како составен дел на власта, туку сакаме да преземеме одговорност. Како што претходно имаме информирано, влеговме во оваа Влада и буквално понудивме „карт бланш“ за да не гледаме реприза од минатото – како моноетничките партии на ситен камен ги дробат големите политички субјекти кои ја добиваат масовно поддршката на граѓаните. Во овој случај го спречивме тоа, да гледаме реприза. Што се однесува до поделбата на ресорите и местата, тргнуваме исклучиво од аспект на преземање одговорност. Очекуваме дополнително уште едно заменичко место, во уште еден ресор што треба да се дефинира во текот на следниов месец и верувам дека, како и во останатите ресори и институции каде што преземавме одговорност, ќе го дадеме својот придонес и во тој ресор. Разговараме за неколку ресори, не би сакал во моментов да шпекулирам. Секако дека мандатарот е најповикан да даде одговор на тоа прашање и верувам дека веќе до крајот на месецот ќе имате од негова страна излагање по однос на таа тема“, рече Димитриевски.

Според него, ЗНАМ е првиот и единствен политички субјект во државата што по две години партиципација и партнерство во власта излегува со отчет пред граѓаните за сите активности на сите избрани и именувани функционери кои работат во владата и ја поддржуваат нејзината политика.

„Ние сме поразлични од останатите. За ЗНАМ, иако е тешко да се верува бидејќи навиките во општеството се веќе такви, нема ниту една единствена афера, нулта корупција, и тоа претставено директно преку нашите претставници во извршната власт. Нашите приоритети се подобрување на социо-економскиот живот на нашите граѓани, правда за сите и еднаквост на сите пред законите во Македонија. Дали сте функционер или обичен граѓанин, имате еднакви права и еднакви можности, така како што е пропишано со Уставот на Македонија. Факт е дека дојдовме од минус состојба – длабоко задолжена држава, со длабоко поткопани институции, а стигнавме на позитивна нула. Гледаме дека се реализираат голем број инфраструктурни и капитални проекти низ државата, чиј резултат не може никој лично да си го припише себе си, туку тоа е општ резултат на целата Влада и сите нејзини партиципиенти“, рече Димитриевски.

Движењето ЗНАМ е дел од владината коалиција денеска даваше отчет за сработеното во изминатите две години. На отчетот насловен „Две години работа, две години резултати, една љубов – Македонија“ присуствуваа членови на ЗНАМ, пратеници, функционери, активисти и поддржувачи.

Последни објави