Или правосуден испит на албански или протести – ултиматум од студентите Албанци

Објавено:

Нема договор меѓу студентите Албанци и министерот за правда, Јетон Шасивари, за тоа на кој јазик да се полага правосудниот испит. Студентите – Албанци денеска го одбија понуденото решение од Шасивари – теоретскиот дел или 12 предмети да полагаат на албански јазик, а практичниот дел, односно два предмета да полагаат на македонски јазик.

„Нашето барање е целиот правосуден испит да го полагаме на албански јазик. Предлогот на министерот е победа за нас бидејќи околу 84 отсто од испитот ќе се полага на албански јазик. Не сме задоволни бидејќи два испита треба да се полагаат на македонски јазик. Имаме Закон за употреба на јазиците, кој им дозволува на албанските студенти правосудниот испит да се полага на албански јазик. Ние не бараме ништо освен да се почитуваат Уставот и законите. Шасивари ни вети дека повторно ќе има средба со нашите декани и професори, но сакаме целиот правосуден испит да се полага на албански јазик“, рече Сухејб Мехмеди, студентски правобранител од Универзитетот „Мајка Тереза“, по средбата со министерот Шасивари.

Министерот за правда рече дека предлог-законот ќе влезе во процедура по добиено мислење од Венецијанската комисија.

„Сакаме да дојдеме до современо, правно издржано и европски ориентирано решение, кое ќе ги земе предвид потребите на сите студенти што го стекнуваат своето високо правно образование на различни јазици. Оваа Влада има јасна определба за почитување и унапредување на јазичните права. Сметаме дека институциите имаат обврска да создаваат услови за еднакви можности со целосно почитување на Уставот, законите и професионалните стандарди“, изјави Шасивари.

Студенти – Албанци протестираа во април и во мај годинава, со клучно барање правосуден испит да полагаат на албански јазик. Темата предизвика и политички реакции и прозивки меѓу партиите во земјава, а во повиците за протести и исполнување на барањето на студентите се приклучија и повеќе политичари и јавни личности од Косово и Албанија.

Владините партнери, пак, побараа трпение и најавија решение. Според податоците со кои располага Владата, а прролетва беа споделени од премиерот Мицкоски, од 2020 година биле пријавени 918 кандидати за полагање правосуден испит. Од нив 196 биле Албанци. Испитот, кој досега се спроведува само на македонски, не го положиле 27 студенти Албанци. Од нив, девет повторно се пријавиле и сите положиле.

Правосудниот испит го полагаат студенти кои завршиле правен факултет и е неопходен за тие понатаму да може да работат како адвокати, нотари, судии, обвинители.