Навредлива и провокативна е неодамнешната изјава на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михаилова. Изјавата пак, на амбасадорот Желјазко Радуков за бугарската телевизија БТВ е директно мешање во внатрешните работи на нашата држава. Ова му било пренесено на претставник на Амбасадата на Република Бугарија, кој во отсуство на амбасадорот ја извршува функцијата вршител на работи и кој денеска бил повикан во македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиТ).
„Од наша страна беше посебно нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација. Во тој контекст, беше укажано дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи, која јасно ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата на прием“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Демерџиев во интервју ги нарече македонските власти „српски“.
„Ниту ја бараме, ниту ќе ја предадеме на српските власти“, кажа Демерџиев.
Новинарот веднаш го праша дали станува збор за случајна грешка или намерно споменување на Србија.
„Беше грешка, но да кажеме дека не беше толку голема грешка“, одговори бугарскиот министер.
Потоа појасни дека мислел на властите на Македонија, но не објасни зошто смета дека мешањето на двете држави не претставува значајна грешка.
Радуков, пак, вчера во изјава изрази сомнеж дека Ива Михаилова ја напуштила Македонија без знаење на властите, иако нагласи дека не може да го потврди тоа. Својот сомнеж го образложи со тврдењата дека Михаилова била на стоп-листа, со одземени пасоши и под полициски надзор. Според него, пред домот имало патрола, а цивилни полицајци ја следеле кога излегувала. Таа му кажувала и за дронови над куќата.
Амбасадорот повторно обвини за различен третман поради нејзината бугарска припадност. Според него, расправата за преминувањето на границата го потиснала прашањето зошто не ѝ било дозволено лекување во странство.
Михаилова, која има македонско и бугарско државјанство, е обвинета во постапка поврзана со сообраќајна несреќа минатата година во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши. Таа избега од Македонија и покрај судските мерки, а македонските институции распишаа меѓународна потерница по неа откако таа се појави во бугарските медиуми со адвокат и тврдеа дека границата ја преминале на граничен премин.


