За една година во Брвеница: Кој доби, а кој изгуби гласови?

Објавено:

ВМРО-ДПМНЕ прогласи убедливо водство на својот кандидат за градоначалник во Брвеница, Стојанчо Радичевски, СДСМ заврши на четврток место со кандидатот Јовица Радевски, но од партијата се пофалија дека успеале да го зголемат бројот на гласови 46% во споредба со минатите избори пред една година.

ДУИ, која ја преводи коалицијата Национална алијанса за интеграција (ДУИ), со својот кандидат Аркин Јахиј заврши на второто место и слави што влегува во вториот круг против ВМРО-ДПМНЕ. На Јахиј во штабот му се придружи и ривалот од ВЛЕН Јакуп Хусеини да му честита и да му посака победа во втор круг.

Изборната ноќ во Брвеница е втора за точно една година откако почина претходниот градоначалникот Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Првиот круг од минатите редовни локални избори се одржа точно пред една година, на 19 октомври. Распоредот на гласовите лани во споредба со сега, за некои беше поповолен, за други не. За ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ нема разлика во пласманот, додека ВЛЕН и ДУИ си ги сменија местата.

Што покажуваат официјалните бројки од Државната изборна комисија (ДИК)?

brvenica-tabela-2025-2026
Графика: Колегиум.мк / Избор: ДИК

На изборите лани – 19 октомври 2025, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, исто така, беше со голема предност пред останатите. Тогаш, на конто на партијата завршија 3.388 гласа. Денеска, освои 2.943 или 445 гласа помалку.

Со помалку гласови во споредба со првиот круг на ланските избори е и коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН. За ланскиот кандидат на партијата гласаа 2.021 жител на Брвеница. За сегашниот 1.528 или 493 гласа помалку. ВЛЕН за разлика од минатата година кога беше второпласирана и отиде во втор круг, сега заврши на трето место.

Второто, а со тоа и „пласманот“ во втор круг сега го доби коалицијата НАИ предводена од ДУИ, која има скок од 1.005 гласа. Лани, нивниот кандидат добил 1.147, а сегашниот освои 2.152 гласа.

Социјалдемократите и лани и сега завршија на четврток место. Но, годинава имаат 225 гласа повеќе. Кандидатката на СДСМ во 2025 освои 481 глас, а годинешниот кандидат има 706 гласа.

Разликата помеѓу двата круга е и што лани во Брвеница имаше само четири кандидати кои доаѓаа од овие партии и коалиции. Годинава во трка беа шест односно имаше и двајца независни кандидати кои освоија по 55 односно 21 глас.

Бројот на неважечки ливчиња, пак, лани бил 251, а годинава е 160.

Кога е во прашање излезноста, на овие избори гласале 277 граѓани повеќе. Во 2025 бројот на луѓе кои излегне на гласање бил 7.288, а сега изнесувал 7.565.

Вториот круг од изборите во кој ќе се соочат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе се одржи на 1 ноември.

Брвеница е општина која се наоѓа во Полошкиот регион, која до 1996 година беше составен дел од Општина Тетово.

На пописот во 2021-та, во Брвеница се попишани вкупно 18.319 лица од кои 13.645 се резидентно население.

Од резидентното население, најбројни се Албанците – 7.737, Македонци се 5.715. Остатокот се од други етнички заедници или се лица за кои нема податок за етничката припадност.