Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски прогласи победа на кандидатот на неговата партија и коалицијата, Стојанчо Радичевски, во првиот круг од предвремените избори за градоначалник во Брвеница.
Извесно е, како што рече Мицкоски, дека ќе има втор круг со оглед на големиот број кандидати. Во вториот круг, ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочи со кандидатот на Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ, Аркин Јахији.
„Со оглед дека имаше повеќе кандидати, многу е веројатно дека ќе има втор изборен круг каде како фаворит влегува кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ со освоени околу 3.000 гласа. Втор е кандидатот на ДУИ со нешто повеќе од 2.100 гласа. Трет е кандидатот на ВЛЕН, а четврт е кандидатот на СДСМ. Независниот кандидат кој беше поддржан од Левица освои околу 50-тина гласови“, рече Мицкоски.
Тој во говорот се фокусираше на изборниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ во споредба со СДСМ, велејќи дека разликата е 4 спрема 1.
„Иако пред само неколку дена раководството на СДСМ најавуваше убедлива победа во Брвеница, сепак СДСМ е декласиран од граѓаните и тоа е важна порака од граѓаните до нивното раководство“, рече Мицкоски.
Кандидатот на ВЛЕН, Јакуп Хусеини, веќе го призна поразот и го посети штабот на ривалот од ДУИ, Аркин Јахиј, покажуваат видеата и фотографиите што се шират на социјалните мрежи.
И покрај тоа што на централно ниво ВЛЕН е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, како што пренесуваат дел од медиумите на албански јазик, Хусеини кој му честитал на Јахиј, му посакал и победа против кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова се втори избори за градоначалник во период од околу една година. Тие се распишаа откако почина поранешниот градоначалник Јовица Иливски од ВМРО-ДПМНЕ.
Предвремените избори во Брвеница следуваат откако почина градоначалникот Јовица Илиевски кој беше избран на функцијата на редовните локални избори што се одржаа на 19 октомври (прв круг) и 2 ноември 2025 (втор круг).


