Рама: неутрализиран дрон со експлозив насочен кон зградата на Владата

Објавено:

Албанскиот премиер Еди Рама во неделното утринско обраќање изнесе сериозни обвинувања за наводно подготвен напад со експлозивен дрон врз зградата на Владата.

Во обраќањето емитувано во живо на Фејсбук, кое траеше 74 минути, Рама тврди дека безбедносните служби пред два дена неутрализирале дрон со експлозив, наводно наменет за напад врз премиерската резиденција.

Тој рече дека зад ваквиот план стојат организирани групи, а не студентите.

Тој зборуваше и за вмешаност на „туѓа рака“ во протестите.

Рама ја бранеше полициската интервенција и најави дека специјалните сили РЕНЕА повторно ќе бидат ангажирани доколку тоа биде потребно. Тој го оправда и користењето гумени куршуми во одредени околности, обвинувајќи маскирани групи за насилство и злоупотреба на малолетници.

Извештаите од теренот, вклучително и на Ројтерс, потврдуваат употреба на гумени куршуми против демонстрантите. Пријавени се повреди, вклучително и меѓу новинари, додека седум полицајци се соочуваат со дисциплински мерки поради прекумерна употреба на сила.

Албанските медиуми објавија и снимки од полициско насилство врз млади демонстранти, што дополнително го отвора прашањето за законитоста и пропорционалноста на интервенциите.

Истовремено, за време на протестите беа забележани напади врз полицајци, фрлање камења и молотови коктели, како и оштетување јавен и приватен имот.

Во своето обраќање, Рама категорично ги отфрли барањата за оставка, тврдејќи дека неговото повлекување би го загрозило патот на Албанија кон членство во Европската Унија до 2030 година.

Демонстрантите бараат оставка од Рама, политичка одговорност и прекинување на полициското насилство.